Францускиот претседател Емануел Макрон во вторник ја осуди политиката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за хуманитарна помош за Газа како „неприфатлива“ и „срамна“, велејќи дека Европејците треба да размислат за заострување на санкциите.
„Она што го прави владата на Бенјамин Нетанјаху е неприфатливо… Нема вода, нема лекови, ранетите не можат да излезат, лекарите не можат да влезат. Она што го прават е срамно“, изјави Макрон за телевизијата ТФ1.
Тој додаде дека на сите им се потребни Соединетите Американски Држави.
„Претседателот Доналд Трамп ги има лостовите на моќ. Имав тешки зборови со премиерот Нетанјаху. Се налутив, но тие Израел не зависат од нас, тие зависат од американското оружје“, рече тој.
Макрон истакна дека претходно оваа година ја посетил границата меѓу Египет и Газа, каде што видел дека „целата помош што ја доставуваат Франција и другите земји“ е „блокирана од Израелците“.
„Ова е неприфатлива хуманитарна трагедија“, рече тој, додавајќи дека „не е до претседателот на Републиката да каже „ова е геноцид“, туку до историчарите“.
„Мојата работа е да направам сè што можам за да го спречам тоа“, рече Макрон, нагласувајќи дека се разгледува и можноста за преиспитување на договорот за соработка меѓу Европската Унија и Израел.
Тие договори, исто така, вклучуваат клаузули за укинување на царинските давачки за одредени производи.
„Хуманитарната криза (во Газа) е најлошата што сме ја виделе досега“ од 7 октомври 2023 година, рече Макрон.
Коментарите на Макрон од вторникот доаѓаат во контекст на сè позатегнатите односи меѓу Париз и Ерусалим поради војната во Газа. Во телефонски разговор минатиот месец, Макрон го повика Нетанјаху да ја обнови хуманитарната помош. Разговорот се случи неколку дена откако синот на Нетанјаху го навреди Макрон поради неговата изјава дека Франција би можела да признае палестинска држава.
Израел го обвини Макрон за блокирање на учеството на израелските производители на оружје на саемите за одбранбена индустрија во Франција. Макрон, исто така, предизвика негодување во Ерусалим повикувајќи на ембарго за оружје за Израел како единствен начин за завршување на конфликтот во Газа.