Мапирани сите големи соларни електрани на планетава: Инсталирани се 423 ГИГАВАТИ производствена сила (инфографик)

од Vladimir Zorba
274 прегледи

Ако сакаме да ја ублажиме глобалната сиромаштија и да го ограничиме затоплувањето на многу под 2 Целзиусови степени, глобалниот капацитет за производство на сончева енергија ќе треба да се зголеми десеткратно до 2040 година, предвидува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Се разбира, тоа е полесно да се каже отколку да се направи.

Барање на компромис

Сончевата светлина се менува во текот на денот и годишните времиња, така што енергијата мора да се складира во време кога сонцето не сјае. Дополнително, треба да се смислат начини да стигне сончевата енергија до најоддалечените краишта на светот и таму каде што е најпотребна. И не помалку важно, ќе треба да се најдат компромиси помеѓу сончевата енергија и другите употреби на истото земјиште, вклучително и зачувувањето и биодиверзитетот, земјоделството и системите за храна, како и користа за заедницата и домородните народи.

За да го постигне ова, Лукас Круитваген, истражувач за климатски промени и вештачка интелигенција на Универзитетот во Оксфорд, со помош на колегите, ја состави и објави во списанието Nature првата глобална листа на големи соларни електрани. Терминот „голем“ во овој случај се однесува на објекти кои произведуваат најмалку 10 киловати кога Сонцето е на својот врв. За споредба, типична инсталација на мал станбен покрив има капацитет од околу 5 киловати.

Систем за машинско учење

Истражувачите развија систем за машинско учење за откривање на овие објекти на сателитски снимки и потоа го имплементираа на повеќе од 550 терабајти слики. Тие пребаруваа речиси половина од површината на Земјата, филтрирајќи ги оддалечените области, подалеку од човечката популација.

Откриени се вкупно 68.661 соларни објекти. Се проценува дека на крајот на 2018 година во светот биле инсталирани 423 гигавати производствен капацитет. Ова горе-долу се совпаѓа со проценките на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) која споменува 420 GW.

Студијата покажа дека капацитетот на производство на соларни PV помеѓу 2016 и 2018 година се зголемил за неверојатни 81 отсто. Најголем раст е забележан во Индија (184 отсто), Турција (143 отсто), Кина (120 отсто) и Јапонија (119 отсто).

Објектите се различни по големина, од пустински инсталации гигавати во Чиле, Јужна Африка, Индија и северозападна Кина, до комерцијални и индустриски покривни инсталации во Калифорнија и Германија, рурални инсталации во Северна Каролина и Англија и урбани инсталации во Јужна Кореја и Јапонија.

Податоци за локација

Собраните геопросторно-локализирани податоци се клучни за транзицијата кон сончевата енергија, сметаат истражувачите. Операторите на мрежата и учесниците на пазарот на електрична енергија треба да знаат точно каде се наоѓаат соларните капацитети за да знаат точно количество енергија што тие ја произведуваат или ќе произведуваат.

Новите системи можат да користат податоци за локација за да предвидат зголемено или намалено производство предизвикано, на пример, со поминување на облаците или временските промени. Како што сончевата енергија станува попредвидлива, операторите ќе можат да чуваат помалку електрани од фосилни горива во резерва.

Несакани последици

Истражувањето покажа дека соларните централи најчесто се наоѓаат во земјоделските области, а потоа следат пасиштата и пустините. Ова, истакнуваат истражувачите, ја нагласува потребата внимателно да се разгледа влијанието што десеткратното проширување на капацитетот за производство на соларни фотоволтаици ќе го има врз системите за храна, биодиверзитетот и земјиштето во наредните децении.

Мудрото водење енергетска политика би можело да поттикне инсталирање на соларни погони на покривите во некои области за да се зачуваат копнените ресурси или да се искористат предностите на другите опции за обновлива енергија, заклучува Крутваген, коментирајќи ги наодите од истражувањето во списанието Conversation.

Слични содржини