Лидерката на десничарската партија Национално обединување (RN), Марин Ле Пен, потврди дека сака да се кандидира за претседателка на Франција во 2027 година, доколку правосудството ѝ го дозволи тоа.
Ле Пен во интервју за „Паризиен“ нагласи дека нејзината цел не е премиерската функција во случај да не успее да се кандидира за претседател, бидејќи „не бара утешна награда“.
„Договорено е меѓу Жордан (Бардела) и мене дека, ако правосудниот систем не ме спречи, јас ќе бидам кандидат на претседателските избори, а тој ќе биде мој премиер“, потврди таа, пренесува BFM TV.
Судската одлука за можноста за нејзина кандидатура се очекува на 7 јули, откако со првостепена пресуда ѝ беше изречена петгодишна забрана за вршење јавна функција.
Ле Пен го минимизираше значењето на разликите во анкетите и можните сојузи на Бардела со други десничарски партии, истакнувајќи дека „главната поента на анкетите е и понатаму високиот рејтинг на кандидатот на RN во првиот круг“, пренесува Танјуг.