Марко Ѓуриќ: Нема мир без решавање на статусот на Србите на Косово

од Љубиша Владимиров
63 прегледи

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека Приштина веќе 12 години не го исполнува Бриселскиот договор, кој предвидува формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), и подвлече дека нормализацијата на односите не е можно без решавање на статусот на српскиот народ на Косово и Метохија.

„Денес се навршуваат 12 години од потпишувањето на Првиот договор за принципите на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, познат како Бриселски договор. Во срцето на овој договор се одредбите за формирање на Заедницата на српските општини. Неисполнувањето на тие обврски сериозно го поткопува кредибилитетот на Приштина како партнер во дијалогот“, изјави Ѓуриќ.

Тој потсети дека лично учествувал во обликувањето на концептот на ЗСО и ја предводел белградската делегација во 221. рунда од дијалогот во Брисел.

„Морам да нагласам дека не може да се постигне значајна нормализација на односите без да се даде приоритет на решавањето на статусот и правата на српскиот народ на Косово и Метохија“, истакна Ѓуриќ во објава на социјалните мрежи.

Според него, властите во Приштина не само што не обезбедуваат основни гаранции за опстанок и основни човекови и политички права на Србите, туку ја претвориле српската заедница во една од најобесправените етнички групи во Европа. Во интервју за Танјуг, министерот Ѓуриќ нагласи дека зајакнувањето на пријателството и врските со народите ширум светот, како и заштитата на националните и државните интереси на Србија со јасна европска перспектива, остануваат апсолутни приоритети на неговото министерство.

„Влегувам во новиот мандат со голем ентузијазам и целосно свесен за предизвиците што нè очекуваат“, изјави тој, додавајќи дека се очекува продолжување на политиката на поранешниот премиер на привремените институции во Приштина, Албин Курти, насочена против Србите во автономната покраина Косово и Метохија.

Ѓуриќ предупреди и на новите напори на Приштина за еднострано прогласување и зајакнување на независноста на Косово.

„Приштина веќе повеќе од една деценија работи на подготовка на нов бран признавања на независноста. Денес, меѓу власта и опозицијата во Косово постои натпревар не во тоа кој ќе ја надмине другата страна во реформи, туку кој ќе донесе повеќе нови признавања“, нагласи тој.

На прашањето за моменталната состојба во Косово и Метохија, Ѓуриќ оцени дека „режимот на Курти во изминатите две и пол години применува ултранационалистички методи, невидени во Европа со децении“.

Слични содржини