За разлика од незадоволството од политичките ставови на Илон Маск, оваа заедничка тужба на купувачите на возила на Tesla пред американскиот суд може скапо да го чини, пишува „Дојче веле“, доколку се покаже како основана.
„Со поврзување на километражата со договорите за гаранција и лизинг, Tesla ја преценува вредноста на поминатото растојание. На тој начин, компанијата ги зголемува приходите од поправки, ги намалува обврските од гаранцијата и ги принудува потрошувачите предвреме да купат продолжена гаранција“, се наведува во обвинението.
Најри Хинтон, еден од тужителите од Калифорнија, сведочел за американскиот медиум CNBC дека кон крајот на 2022 година купил користен, двегодишен Tesla Model Y, кој тогаш имал речиси 38.000 километри (околу 61.000 милји) според дигиталната километража. Неговото искуство покажало дека километражата покажувала најмалку 15% повеќе поминато растојание отколку што навистина било.
Исто така, му се случило возилото да прикаже дека поминал 72 милји (околу 116 километри), иако патувал до место за кое точно знаел дека е оддалечено само 20 милји (околу 32 километри). Како што е вообичаено, пишува „Дојче веле“, Tesla им дава гаранција на клиентите до 50.000 километри и таа, се разбира, истекла порано. По тоа, сите поправки и сервиси морал да ги плати од свој џеб, а тие се акумулирале на околу 10.000 долари (речиси 8.800 евра).
Хинтон и другите тужители затоа бараат надомест на штета, како и казнена отштета. Според судските документи, потенцијално би можеле да бидат засегнати повеќе од еден милион возила. Од фабриката на Tesla одговорија дека тужбата е „неоснована во сите материјални аспекти“, но сега останува на судот да утврди дали клиентите навистина биле измамени. Во случајот со автомобилите на Tesla, речиси е исклучено клиентите да имале гуми со различен дијаметар, Tesla бара клиентите да купуваат гуми исклучиво во овластените сервисни центри, а доколку не го сторат тоа, компјутерскиот систем на возилото може да се однесува нестабилно.
Дополнително, во Европа возилото се смета за технички неисправно ако спидометарот покажува помала брзина отколку што возилото навистина се движи поради што, во пракса, речиси сите автомобили прикажуваат малку поголема брзина од реалната. Но, тоа никако не треба да влијае врз отчитувањето на километражата, бидејќи токму таа бројка е една од најважните при проценка на вредноста на користено возило. Тоа би значело дека Tesla веројатно ги измамила своите клиенти и на тој пазар.