Илон Маск, основач и извршен директор на „Тесла“, зазеде силен став против вандализмот во неговите објекти низ САД, а сега примени нова стратегија со активирање на „Sentry mod“ на сите автомобили во салоните.
Овој потег следи по серијата напади врз возилата на „Тесла“, кои ескалираа во последно време, и во САД и во странство. Компанијата се надева дека друга форма на надзор ќе помогне да се фатат вандалите на дело.
Еден од инвеститорите на „Тесла“ оваа недела изјави дека е неопходно да се подобри безбедноста со ангажирање чувари кои ќе ги заштитат сите салони и сервисни центри во САД и Канада 24 часа на ден, барем додека не се смири ситуацијата.
Маск реагираше брзо и објави дека „Тесла“ ја подобрила безбедноста и го активирал системот на сите возила. Тој не објасни за какво безбедносно подобрување станува збор.
Системот „Sentry“ работи со користење на надворешните камери на автомобилите на „Тесла“ и континуирано снимање на она што се случува околу возилото. Системот во последниве години се покажа многу корисен за сопствениците, кои на овој начин успеаја да фатат вандали и крадци. Секој што се приближува до објектите на „Тесла“ со намера да ги оштети автомобилите може да биде снимен на дело без воопшто да го сфати тоа.
Сепак, објавата на Маск може да биде меч со две острици, бидејќи сега вандалите го знаат планот на „Тесла“, па можат да си ги маскираат лицата.
Дополнително, Системот „Sentry“ не е без свои недостатоци, а една од основните грижи е влијанието врз траењето на батеријата. Нема официјални податоци, но независните тестови покажуваат дека може да троши од 10 до 15 проценти од батеријата дневно. Компанијата неодамна понуди надградба што ја намалува потрошувачката на батеријата за 40 проценти, што може да помогне во горенаведеното прашање.
Ова се случува откако 80 автомобили на „Тесла“ беа оштетени во Хамилтон, Онтарио. Автомобилите беа изгребани, а гумите дупнати.