Neuralink, стартап од Силиконската долина, поддржан од Елон Маск, разви невропротетски уред, интерфејс мозок-компјутер. Меѓу другото, тврди Маск, овој чип би можел да излечи тинитус во следните пет години, невролошка состојба која предизвикува неподносливо зуење кај стотици милиони луѓе ширум светот. Звучи ветувачко, но дали е можно?
Уред со големина на монета на Neuralink, наречен Link, е вграден во черепот со помош на прецизен хируршки робот кој поврзува илјада минијатурни нишки со одредени неврони. Секој прамен е четвртина од дијаметарот на човечкото влакно. Уредот потоа се поврзува со надворешен компјутер преку Bluetooth конекција за континуирана двонасочна комуникација.
Овие протези треба да им помогнат на луѓето со различни невролошки нарушувања, од параплегија и квадриплегија до Паркинсонова болест и епилепсија.
Помина една година откако компанијата објави видео во кое деветгодишен мајмун макака по име Пејџер ја контролира играта Понг со својот ум, благодарение на вградениот Neuralink уред поврзан со компјутерот што ја води играта. Првите тестови на луѓе се очекуваат на крајот на оваа година.
Маск тврди дека уредот на Neuralink би можел да излечи тинитус уште во 2027 година. Тинитусот се јавува кога нервот што го поврзува внатрешното уво со мозокот е оштетен поради долготрајна гласна бучава, повреда или недостатоци во снабдувањето со крв. Не постои лек, па терапии прибегнуваат кон различни методи – од маскирање на звук или учење да го игнорираат проблемот.
Тврдењата на Маск будат надеж; невронаучниците исто така се оптимисти. Тие веруваат дека таков уред покрај тинитус може да помогне во лекувањето на опсесивно-компулсивни нарушувања, поправка на повреди на мозокот и лекување на состојби како аутизам или дегенеративни болести на нервниот систем преку длабока мозочна стимулација.
Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) го категоризира Neuralink како медицински уред од класа III, што значи дека е најризична категорија. За да добие одобрение, компанијата мора да обезбеди сеопфатни податоци од клиничките испитувања на животни за да го оправда преминувањето во следната фаза.
Познато е и дека некои мајмуни умреле за време на тестовите на Neuralink. Има и проблеми со депресија, дефекти и поправки на уредите, замена на делови… Затоа, процесот на одобрување тестирање на луѓе би можел да се продолжи на неодредено време.
Тоа значи дека е малку веројатно дека овој уред ќе биде комерцијално достапен во роковите што ги спомнува Маск. Се поставува и прашањето за цената што би го направила уредот достапен само за богатите. Затоа, велат експертите, не треба да се шират лажни надежи дека на краток рок ќе биде достапен имплант со прифатлива цена.