Мечка талкала два дена низ град, ловџиите ја одбиле наредбата да ја убијат

од Milan1
32 прегледи

Mечка излегла од шумата и влезе во градот Вилнус, Литванија. Таа шеташе низ овој град два дена, одејќи преку автопатот и дворовите.

Властите наредија животното да биде убиено. Но, ловџиите одбија да ја убијат бидејќи беа свесни дека има малку од овој заштитен вид во земјата. Литванската асоцијација на ловци и рибари изјави дека се шокирани од пристапот на владата. Рамуте Јукните од оваа асоцијација изјави дека станува збор за двегодишна мечка и дека не заслужува да биде убиена.

„Беше исплашена, но не и агресивна. Едноставно не знаеше како да избега од градот, но не направи ништо лошо“, рече Јукните.

Здружението ги следи нејзините движења и се претпоставува дека во Литванија има само помеѓу пет и десет мечки. Целата драма со мечката започна на 14 јуни, кога влезе во главниот град, што се случи повторно по многу години. Дојде на четири до пет километри од центарот на градот.

Заменик-министерот за заштита на животната средина, Рамунас Кругелис, изјави дека убивањето на животните е наредено како превентивна мерка. Од друга страна, ловџиите предложија похуман пристап – седација (намалување на будноста), мониторинг и преместување. Додека Литванците дебатираа што треба да се направи, мечката „ја зеде работата во своите шепи“ – таа сама го напушти градот.

Кафеавите мечки се автохтон животински вид во овој регион, но биле истребени во 19 век поради лов и уништување на живеалиштата. Сепак, во последниве години тие почнаа да се појавуваат во мал број, обично преселувајќи се од соседните Латвија и Белорусија, каде што сè уште постојат мали популации на оваа мечка.

Тие се заштитени и со литванското и со европското законодавство бидејќи се редок и ранлив вид, пишува весникот „Гардијан“.

Слични содржини