Меџити: Гласот на млад човек е една од највредните работи во демократијата

Според Меџити, младите од Чаир оваа есен ќе имаат можност да гласаат за конкретни проекти кои ќе го подобрат нивниот живот.

од Бисера Трајковска
5 прегледи Фото: Официјален профил на Изет Меџити

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од редовите на ВРЕДИ, Изет Меџити денеска одржа средба со младите кои на овие избори ќе имаат можност да гласаат за првпат. Оваа средба, како што соопштија од ВРЕДИ, претставува значаен момент во изборната кампања, ставајќи го фокусот врз активното вклучување на новата генерација во демократските процеси.

-Денес за мене е голема чест и задоволство да се сретнам со младите од Општина Чаир, млади кои за првпат ќе можат да гласаат на овие избори, изјави Меџити.

Тој потенцираше дека нивната енергија, идеи и визија за Чаир се инспиративни и му даваат нова мотивација во неговиот политички ангажман.

Меџити се потсети на својата младост и на напорите на неговата генерација да го афирмира гласот на Албанците во Скопје и Северна Македонија.

-Гласот на еден млад човек е една од највредните работи во демократијата. Со еден глас може да се промени правецот на општината, државата, иднината, рече тој.

Нагласи дека младите од Чаир оваа есен ќе имаат можност да гласаат за конкретни проекти кои ќе го подобрат нивниот живот.

-Оваа генерација која за првпат ќе гласа ќе ја напише новата страница на Чаир. Нивниот глас е моќен, нивната одлука е иднината, а јас сум горд што можам да бидам дел од таа промена, посочи Меџити.

Слични содржини