Соединетите Американски Држави водат практично целосна војна со Русија и сакаат стратешки пораз за Москва, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, коментирајќи ги зборовите на американскиот претседател Џозеф Бајден дека САД се подготвени за преговори со Русија, Кина и Северна Кореја за намалување на нуклеарното оружје без предуслови.
„Бајден, за да му помогне на својот глупав штитеник, рече дека е подготвен да преговара за намалување на стратешките нуклеарни сили без предуслови. Уште една дрскост на Американците. Размислете за тоа: САД водат речиси целосна (и во никој случај хибридна) војна со нас и сака за нашата земја стратешки пораз, затоа, преговорите за СТАРТ со Америка не се покорисни од преговорите за примирје со Хитлер во 1945 година“, напиша Медведев на својот канал Телеграм, пренесува РИА Новости.
Бајден претходно изјави дека светот треба да се залага за целосно елиминирање на нуклеарниот арсенал, а ја потврди и подготвеноста на САД да преговараат со Русија, Кина и Северна Кореја во оваа насока.
Сепак, според руската агенција, Бајден „молчел“ за значителните трошоци на американската влада за развој и зајакнување на сопствената нуклеарна тријада, пренесува „Танјуг“.