Мекларен не е голем фаворит за сезоната во Формула 1 во 2025 година, туку еден од четирите тимови кои можат да победуваат на трките. Ова за германскиот магазин „auto motor und sport“ го објасни тимскиот шеф – Зак Браун.
„Прво, трансформацијата што ја доживеавме е одлична за нас; пред неколку години бевме на работ на банкрот“, потврди Браун. „А да не беа финансиските инјекции од нашите акционери во Бахреин и другите надворешни инвеститори, тимот немаше да преживее. Но, од 2023 година, Мекларен е профитабилен“.
„Што се однесува до новата сезона, мислам дека не сме фаворит, има четири екипи кои можат да победуваат во трки, да се борат за титулата. И ние сме една од нив. Би било премногу арогантно да мислиме дека сме фаворит број 1“, додаде Американецот.
Зак Браун на крајот на 2024 година објасни дека тимските возачи Ландо Норис и Оскар Пјастри ќе бидат многу подобро подготвени за битките со Макс Верстапен во новата сезона.
Мекларен ја освои својата прва светска титула кај конструкторите од 1998 година, а Норис беше претендент за светската титула, но така и не успеа да се доближи доволно до Макс Верстапен за да го предизвика за првото место во поредокот.