Мерц: Сакам коалиција со Социјалдемократската партија. Ќе почнеме преговори наредните денови

од Aneta Risteska
22 прегледи

Лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и најверојатно иден канцелар на Германија, Фридрих Мерц, денеска изјави дека сака да коалицира со Социјалдемократската партија (СПД) и дека ќе започне преговори во наредните денови.

Тој на прес-конференција во Берлин рече дека миграцијата, економијата и одбраната се клучни теми за преговорите со СПД, пренесува Ројтерс.

„Ние Европејците мора брзо да бидеме способни да дејствуваме брзо, особено кога станува збор за одбраната“, нагласи тој.

Коментирајќи го изборниот резултат на Алтернатива за Германија (AfD), Мерц рече дека тоа е „конечно предупредување“ до демократските партии да соработуваат.

Тој откри и дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за неговата претстојна средба со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Се надевам дека ќе успееме да ги убедиме Американците дека е во наш заеднички интерес да имаме добри трансатлантски односи“, рече Мерц, изразувајќи загриженост за „она што го слушаме од Вашингтон во врска со војната во Украина“.

Мерц смета дека Европа мора да има единствен глас кога е во прашање трговијата, додавајќи дека „истото важи и за НАТО“.

Слични содржини