Трејлерот за деветнаесеттата сезона на „Вовед во анатомија“ откри повеќе детали за заминувањето на Мередит Греј, која од почетокот ја играше Елен Помпео.
Една од најдолгите актуелни серии продолжува без лекарката која го напушта Сиетл, а пријателите и колегите и приредуваат проштална забава.
„Понекогаш промената е добра, понекогаш промената е сè. Знаете, веројатно ќе се вратам следната недела“, рече Мередит во нејзината последна епизода. Инаку, Помпео претходно во објава на Инстаграм откри дека нејзиниот лик ќе се појавува уште неколку пати во оваа сезона, која почнува да се емитува на 23 февруари на каналот ABC.
Актерката претходно изјави дека, според неа, време е да се прекине серијата.
Во неодамнешното интервју за Инсајдер, таа изјави дека ја интересираат креативните можности на серијата, додека другите повеќе се грижат за нејзиниот комерцијален успех. „Се обидувам да ги убедам сите други дека треба да заврши“. Се чувствувам како будала која постојано вели: „Но, каква ќе биде приказната, каква е приказната што се обидуваме да ја раскажеме?“. А сите други велат: „Кому му е гајле, Елен? Таа заработува милијарди долари“, рече Помпео.
Таа даде слична изјава во 2018 година во интервју. „Се чувствувам како да кажавме речиси сè што имавме. Време е да смениме нешто“, рече таа тогаш.
Поради ова, многумина претпоставуваа дека 17-та сезона ќе биде последна, но силниот рејтинг ја убеди продукцијата дека на гледачите сепак не им е досадно.