Членовите на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската Унија денеска одржаа средба со европратеничката Тинеке Штрик, на која од македонска страна присуствуваа Соња Мираковска, шеф на делегацијата, и членовите Маја Морачанин, Жаклина Пешевска, Халил Снопче и Снежана Калеска-Ванчева.
Како што информира Собранието на Република Северна Македонија, Мираковска го поздрави одржувањето на средбата со европратеничката, со која, како што рече, негуваме долгогодишни блиски и пријателски односи, и изрази особена благодарност за поддршката која ни ја дава на нашиот евроинтеграциски пат, во рамките на Мешовитиот парламентарен комитет, како и на Жан Моне-дијалогот, кој ќе внесе нов тон во работата на следниот парламентарен состав.
„Таа изрази жалење што оваа година Европскиот парламент не ја усвои Резолуција за напредокот на нашата земја, имајќи ги предвид случувањата и активностите што претходеа на усвојувањето на компромисните амандмани, смета дека овој чекор е целосно оправдан. Европскиот парламент отсекогаш балансирано ги отсликувал состојбите во нашата земја, со точно детектирање на областите во кои како земја бележиме напредок и во областите каде е потребно да се вложат дополнителни напори за нивно подобрување,“ информира собраниската прес-служба.
Како што е наведено во соопштението, Штрик нагласи дека и понатаму ќе продолжи поддршката на Европската Унија за евроинтеграцискиот пат на државата, бидејќи е значајна за перспективата на македонските граѓани и дека „ЕУ е силно посветена на проширувањето и треба да се искористи моментот“.
Пратениците на средбата беа едногласни дека долгото чекање за пристапување кон ЕУ ја зголемува поларизацијата кај граѓаните, но само заеднички и обединети можеме да ги решиме прашањата кои ни се од национален интерес, клучна останува борбата против корупцијата, но и дејствувањето во насока на подобрување на владеење на правото.
Мираковска информираше дека во Собранието во однос на оваа прашање е формирана неформална група, која ќе го крене гласот против корупцијата, а ќе стартува со работа во рамки на новиот пратенички мандат, соопшти прес-службата на Собранието.