Кинески шпиони се обиделе да регрутираат повеќе од 20.000 луѓе во Велика Британија, изјави шефот на британската безбедносна агенција МИ5, Кен Мекалум и предупреди на „епските размери“ на кинеската шпионажа.
„Видовме кампања од епски размери“, изјави Мекалум за Би-Би-Си по состанокот на шефовите на разузнавачките служби на САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Велика Британија.
Тој рече дека МИ5 претходно се фокусираше на заштитата на владините тајни од странски шпиони, но посочи дека сега постои страв дека иновациите често се крадат од мали компании, старт-ап и истражувачи кои претходно можеби не биле толку загрижени за нивната безбедност.
„Ако денес работите со висока технологија, тогаш ве интересира геополитиката, дури и ако не ве интересира геополитиката“, рече Мекалум.
Според него, кинеските шпиони се обидуваат да стапат во контакт со британските граѓани преку различни веб-страници, вклучувајќи го и LinkedIn, за да добијат чувствителни информации од нив.
Мекалум предупреди дека последиците од кражбите во области како што е вештачката интелигенција не се поврзани само со профитабилноста на компаниите, туку и со иднината на западните земји.
„Авторитарните држави се ласерски фокусирани на можностите што овие технологии можат да ги дадат“, рече шефот на МИ5, додавајќи дека вештачката интелигенција може да и дозволи на Кина поефикасно да се меша во политиката на другите држави.
Директорот на ФБИ Крис Вреј се согласува со него, велејќи дека економската шпионажа и крадењето на работата на другите луѓе станале „централна компонента на нејзината национална стратегија“.
„Таа закана стана само поопасна и подмолна во последните години“, рече Реј.
Тој додаде дека во моментов во САД има повеќе од 2.000 активни истраги поврзани со Кина.
Шефот на австралиската безбедносна агенција, Мајк Бурџис, рече дека сите земји се занимаваат со шпионажа, но нагласи дека однесувањето на Кина „ја надминува традиционалната шпионажа“.