Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше гостин на Атлантскиот совет во Вашингтон каде што говореше за иднината на трансатлантските односи и Западен Балкан, осврнувајќи се на односите со Грција, посебно со Бугарија и нашето членство во ЕУ.
– На разговорот во Атлантскиот совет истакнав дека и покрај значајните отстапки за напредок во евроатлантската интеграција, Македонија останува посветена на заштитата на своите национални интереси и идентитет. Посебен акцент ставив на улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур како гарант на човековите права и владеењето на правото, нагласувајќи дека нашата држава ги почитува сите негови пресуди, објави Мицкоски на Фејсбук.
Премиерот Мицкоски во рамките на посетата на Вашингтон, ќе има обраќање и на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.
На тридневниот состанок на конзервативците ќе се обратат американскиот претседател Доналд Трамп и политичари од Аргентина, Велика Британија, Полска и Италија.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја води Конференцијата за конзервативна политичка акција, а другите сесии ќе вклучуваат дискусии за криптовалутите и мирот на Блискиoт Исток, како и панел со роднини на заложниците кои се држат во Газа.
Покрај претседателот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон, на агендата денеска се и поранешната британска премиерка Лиз Трас и политичкиот директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Предвидено говори да имаат и словачкиот премиер Роберт Фицо, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Претедателот на македонската Влада, кој во САД е придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, синоќа имал средба со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, на која станало збор состојбата во државата, за европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план, како и за реформската посветеност на Владата и фокусот на клучните области.
Станало збор и за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.
На средбата заеднички е потврден интересот за одржување континуитет во политичкиот дијалог и зацврстување на билатералните односи помеѓу двете земји, преку засилена комуникација и институционална соработка, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку продлабочена соработка и партнерство во рамки на НАТО алијансата