Мицкоски: Охридскиот рамковен договор донесе мир, но меѓуетничките односи се како возење велосипед – ако застане, патникот ќе падне

од Илинка Илиоска
364 прегледи

На свечената седница на Владата по повод 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека иако Рамковниот договор во моментот на неговото донесување не ги направи сите страни среќни, тој беше клучен за обезбедување на мирот во државата.

„Мора да бидеме реални и да признаеме дека донесувањето на Рамковниот договор не ги задоволи целосно сите страни, но тој го донесе она што беше најпотребно во тој момент – мирот,“ рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека „Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав,“ но истакна дека многу од реалните проблеми на граѓаните сè уште не се решени. Според него, меѓуетничките односи се клучен столб на заедничкото општество, и истакна дека „влогот во добрите меѓуетнички односи никогаш нема крај. Тоа е како возење велосипед, ако престанете, велосипедот ќе застане и патникот ќе падне.“

Мицкоски ја критикуваше практиката на одредени политички елити кои, според него, „Рамковниот договор и етничките права ги користат како прекривка за прикривање на своите лични и најчесто лукративни интереси,“ додека животот на граѓаните станува сè потежок. Тој го осуди неодговорното однесување кон меѓуетничките односи, наведувајќи дека „тие наместо градители на меѓуетничките односи, станаа профитери од истите тие прашања.“

Премиерот исто така изрази загриженост за недостигот на вистински ангажман на политичките лидери во подобрувањето на животот на обичниот граѓанин. „Не можам да кажам дека сите придонесуваат подеднакво во овој процес. Но, вистинското прашање е зошто е така и кои се мотивите,“ рече Мицкоски, повикувајќи ги политичките партии да се фокусираат на решавање на проблемите на терен, наместо на промоција на етнички теми.

„Денес патриотизмот не се мери по тоа колку знамиња ќе развиориме или колку често ќе зборуваме за етнички теми, туку колку проблеми ќе решиме и како ќе го подобриме животот на граѓаните,“ подвлече Мицкоски.

Тој го заврши своето обраќање со повик за единство и заедничка работа за подобра иднина. „Ова е наша заедничка татковина, на сите нас, и дом кој заедно треба да го градиме,“ рече премиерот, нагласувајќи дека меѓуетничките односи се жива динамика која бара постојана посветеност и ангажираност.

Слични содржини