Мицотакис: Мирот во Украина не смее да биде резултат на капитулација, туку на праведни преговори

од Илинка Илиоска
201 прегледи

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека е неопходно да се постигне праведен и траен мир, но дека овој мир не може да биде резултат на капитулацијата на Украина. Затоа, Грција, заедно со многу други земји, ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзината одбрана, со цел да се стигне до веродостојни преговори кои ќе доведат до праведен и траен мир. Мицотакис ги изнесе овие ставови за време на Самитот за мир во Швајцарија.

Мицотакис истакна дека е задоволен што во заклучоците на заедничкото соопштение се нагласува важноста од одржување на слободна, целосна и безбедна трговска пловидба, како и поддршката за Украина во заштитата на нејзините пристаништа и инфраструктура. Тој нагласи дека најважната причина зошто оваа војна е глобално прашање е што сите присутни ја изразуваат својата посветеност на меѓународниот поредок заснован на правила.

„Мора да се испрати јасна порака дека суверенитетот мора да се почитува, дека границите не може да се менуваат со сила, дека мора да се почитуваат меѓународните правила, дека земјите и народите имаат право да го изберат својот систем на владеење и да ја одредуваат својата судбина и иднина, дека нуклеарната безбедност не може да биде загрозена, дека храната не може да се користи како инструмент“, изјави Мицотакис.

Во изјава за државната телевизија ЕРТ по завршувањето на Самитот, Мицотакис посочи дека учеството на речиси 100 земји е важна глобална потврда за потребата конечно да се постигне праведен и одржлив мир во оваа војна.

По Самитот во Швајцарија, Мицотакис замина за Брисел за да учествува на неформалниот самит на ЕУ, и за ЕРТ изрази оптимизам дека Урсула фон дер Лајен повторно ќе биде избрана за претседателка на Европската Комисија.

„Како што знаете, заедно со полскиот премиер презедовме улога на неформални преговарачи во име на Европската народна партија со цел да дојдеме до распределба на важни одговорни позиции. Оптимист сум дека на неформалната лидерска вечера ќе стигнеме до заедничко прифатливи имиња, почнувајќи со кандидатурата на г-ѓа фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија и во следните пет години“, рече Мицотакис.

Слични содржини