Мики Рурк заврши на улица откако беше исфрлен од куќата, а ги одби 100.000 долари од донации

од Весна Трајкова
18 прегледи Фото: Принтскрин / Инстаграм

Некогаш голема холивудска ѕвезда, со незаборавни улоги, сега го допре дното. Мики Рурк морал да ја напушти куќата во Лос Анџелес по судска наредба за неплатена кирија.

Рурк официјално го изгубил правото на куќата што ја изнајмувал во Лос Анџелес. Според судските документи добиени од порталот „Пејџ сикс“, имотот на авенијата „Дрексел“ е вратен под контрола на сопственикот, Ерик Т. Голди.
Судската наредба е донесена во понеделникот во Високиот суд на округот Лос Анџелес и таа била по дифолт, што значи дека Рурк веројатно не одговорил на тужбата ниту се појавил на суд до крајниот рок.

Во тужбата се тврди дека пресудата е донесена за да му се даде на сопственикот „поседување на имотот“, а не за да се наплати дополнителна отштета. Претставниците на актерот не одговориле веднаш на прашањата на медиумите.

Според судската постапка поднесена во декември, на Рурк му било наредено да го напушти домот во рок од три дена или да плати 59.100 долари за заостаната кирија.

Актерот бил виден како ги изнесува своите работи од куќата набргу потоа, додека камион за преселба бил забележан во дворот веќе следниот ден.

Во тоа време, се дознало дека ѕвездата од „Девет и пол недели“ привремено престојува во луксузен хотел во Западен Холивуд, каде што цените на собите почнуваат од 550 долари за ноќ.

Во меѓувреме, во негово име е покрената кампања на GoFundMe, организирана од Лија-Џоел Џонс, со цел да се соберат 100.000 долари за да се спречи неговото иселување.

Сепак, Рурк веднаш негирал дека има каква било врска со собирањето средства.

Во видеопорака на Инстаграм, што ја објавил во јануари, тој рекол дека не побарал никаква помош.

„Збунет сум и фрустриран. Не побарав никаква милостина. Не сум јас, во ред?“, рекол Рурк.