Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека НАТО не треба да се шири во Украина и дека се додека тој е претседател, ќе биде против НАТО да се прошири било каде.
Изјавата на хрватскиот претседател дека НАТО не треба да се шири, што е спротивно на отворената политика на Северноатлантската алијанса, доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Русија, која трупа војници на украинската граница, и западните земји, кои ја предупредуваат Русија да не ја напаѓа Украина.
За повлекување на армијата, Русија, меѓу другото, бара гаранции дека НАТО нема да се прошири кон Украина.
„Мислам дека тој што се залага за проширување на НАТО во Украина го загрозува и хрватскиот интерес. Бидејќи ние сме во НАТО, утре некој може да испрати наши луѓе таму“, објасни Милановиќ.
Тој истакнува дека „не е исто да се биде дел од борбена група во Унгарија, на езерото Балатон или хрватската војска на линијата на фронтот во исчекување на напад“.
„Зошто би ги испратиле таму? Ќе видиме, сè ќе утврдиме ад хок. Парламентот секогаш може да тргне во луда авантура, но потоа ќе сноси одговорност“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека во моментов „гледаме како една сиромашна земја се уништува со тоа што се подгрева паника“, додека Украина повикува на смирување на тензиите.
„Нас ни беше потешко од Украина и добивме ембарго. На Украина и создаваат илузија дека може да се одбранат од Русија, ги потикнуваат на конфликт, а во исто време велат „нашите војници нема да бидат таму“, вели Милановиќ.