Дигитализацијата на општинските услуги е услов за ефикасност, економичност, отчетност и за развој на општините. Во наредниот период ќе го водиме и овој процес, во координација со надлежните министерства и со општините, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Дигитализацијата на услугите на централно и на локално ниво треба да се води истовремено. Целта е процесот на дигитализација да го водиме системски, со дигитализирање на услугите една по една, врз основа на утврдени приоритети, но истовремено во сите општини, согласно нивните капацитети и ресурси, рече Милевски.
Министерот за локална самоуправа Милевски истакна дека Министерството за локална самоуправа има изработено анализа на состојбите во општините, но за да се подготви модел на дигитализација кој што е најсоодветен за нашите општини ќе се направи пресек на моменталните капацитети и потреби, а веднаш потоа и План за имплементација, за што сметаме и на поддршка и од ИПА Програмата на Европската Унија.
Министерот Милевски говореше и за процесот на децентрализација, при што истакна дека оваа Влада децентрализацијата ја врати на приоритетната Агенда.
– Владата, го отвори и позитивно го реши најприоритетното прашање за општините, зголемувањето на изворните приходи со кои што општините самостојно располагаат. На барање на општините и на ЗЕЛС приоритет и дадовме на фискаланата децентрализација, рече Милевски.
Владата директно ги подржа општините со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со кои што се зголемуваат приходите на општините од ДДВ од 4,5 на 6 проценти и од персоналниот данок од 3 на 6 проценти.