Милиони патници во Германија се соочуваат со сериозно нарушување во транспортните услуги поради штрајкови на на железничкиот и аеродромскиот персонал, пренесува Би-би-си.
Дводневниот штрајк на копнениот персонал на „Луфтханза“ се совпадна со 35-часовниот штрајк на машиновозачите. Железничкиот оператор „Дојче Бан“ рече дека сообраќаат само 20 отсто од возовите на долги релации, а најголемиот германски аеродром, Франкфурт, ги откажа сите полетувања.
Штрајковите се последни во бранот индустриски акции што ја погодија Германија и се поврзани со одделни спорови околу платите и работните услови во националниот авиопревозник „Луфтханза“ и државниот железнички оператор „Дојче Бан“.
Од „Дојче Бан“ рекоа дека очекуваат „масивни прекини“ денеска и утре. Како и патувањата со воз на долги релации, од утринава се погодени и регионалните услуги.
„Што е многу, многу е. Ова е крајно непријатно и не можам да разберам дали барањата, од кои некои се секако оправдани, мора да се спроведуваат со толку груби средства“, изјави еден од заглавениот патници на железницата за APTN News во Берлин.
Бројот на летови е дррастично намален, а „Луфтханза“ соопшти на почетокот на неделава дека ќе бидат откажани околу 1.000 лета дневно, што ќе влијае на околу 200.000 патници. Се очекува да се реализираат само 10 до 20 отсто од оригиналниот распоред на летови, а нарушени се и летовите од аеродромите во Хамбург и Берлин.
Германија се соочува со повеќемесечни штрајкови додека членовите на синдикатот и операторите на услуги се расправаат околу зголемување на платите и работното време. Германскиот синдикат на машиновозачи (ГДЛ) бара намалување на работните часови од 38 на 35 без намалување на платата, што „Дојче бан“ го одби.
Шефот на ГДЛ, Клаус Веселски, смета дека е неправедно што платите на раководството се зголемиле за 14 отсто со милиони бонуси, додека работниците морале да придонесуваат за закрепнување на компанијата.
Синдикатот во „Луфтханза“,Вер.ди, кој претставува околу 25.000 вработени, бара зголемување на платите за 12,5% или за најмалку 500 евра како и инфлсциски бонус од 3.000 евра. Авиокомпанијата понуди да ја зголеми платата за 10%, откако денеска објави дека нејзиниот профит во 2023 година се удвоил од 791 милиони евра во 2022 година на 1,67 милијарди евра.
Но од Вер.ди велат дека тоа не е доволно и дека копнениот персонал едвај заработува минимална плата и покрај тоа што „Луфтханза“ може да се пофали со висок профит. Главниот преговарач на синдикатот, Марвин Решински, вели дека бонусите за членовите на одборот ќе бидат значително зголемени, а „копнениот персонал со плата од 13 евра на час во некои случаи веќе не знае како да врзе крај со крај во најскапите градови во Германија“.
„Луфтханза“ предупреди дека штрајковите во првите три месеци од 2024 година ќе предизвикаат поголема оперативна загуба од очекуваната.