Министерот за надворешни работи на Тувалу, Симоне Кофе, во видео обраќање што ќе биде прикажано на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации (ОН) во Глазгов, одржа говор стоејќи до колена во море, со завратени ногавици и на тој начин сакаше да прати порака за горливиот проблем, дека неговата островска држава во Пацификот се наоѓа на првата линија на загрозени земји со климатските промени.
Фотографиите со Симоне Кофе, кој сакаше да привлече внимание на борбата на Тувалу против растот на нивото на морето, набрзо ги преплавија социјалните мрежи.
Во видео пораката, Кофе укажува на реалните животни ситуации со кои се соочува втората најмала островска држава во светот како последица на климатските промени и истакна какви одважни акции преземаат властите за да се фатат во костец со итното прашање на мобилност на населението во услови на климатски промени.