Министерот Лога им подари новогодишни пакетчиња на децата од ВПД во Волковија

од Radmila Tasevska
181 прегледи

Министерот за правда Кренар Лога и државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Флакрон Беџети денеска го посетија Воспитно-поправниот дом во Волковија и им подарија новогодишни пакетчиња на децата.

– Воспитно-поправниот дом во Волковија е институција која работи со најранлива категорија, децата кои се судриле со законот. Благодарение на најсовремените услови, прекрасниот тим од директорот и сите вработени постигнуваат успешни резултати во воспитување на децата и во најголем дел ги враќаат дома, не само поправени и воспитани, туку и со стекнати вештини, соопшти Министерството за правда.

Министерот Лога изразил задоволство од големиот избор на услуги, третманот, здравствената заштита, библиотеката за читање, просториите за спорт и рекреација, работилниците за заедничка работа и обука.

Единствена слаба точка која загрижува, како што се наведува, беше недостатокот на образовен процес и кадар, за што министерот за правда се заложи дека ќе се ангажира да се реши трајно овој проблем во најбрз можен рок.

Како што информира Министерството за правда, Воспитно-поправниот дом во Волковија ги задоволува меѓународните стандарди кои соодветствуваат за овој вид на превоспитување на прекршителите. Во моментов, 17 деца во судир со законот се наоѓаат на издржување на „воспитно-поправна мерка упатување во ВПД“ во оваа институција.

– Со подобрените услови се очекува значително да се зголеми грижата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на децата штитеници, се наведува во соопштението. 

Слични содржини