На четвртиот министерски состанок на земјите од регионот позитивните пракси од земјите претставнички ги истакнаа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заменик министерката за здравство и социјална заштита во Албанија, Денада Сефери, министерот за човекови права и бегалци во Босна и Херцеговина, Севлид Хуртиќ, третата вицепремиерка за малцински прашања и човечки права на Косово, Емилија Реџепи, министерот за човекови и малцински права во Црна Гора, Фатмир Ѓека и министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог на Србија, Томислав Жигманов.
На состанокот, што се одржа по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ – Познанска декларација, донесени се заклучоци за унапредување на тековната работа за интеграција на Ромите во образованието, вработувањето, домувањето, антициганизмот, дигиталната вклученост и граѓанската регистрација.
Како што информира Министерството за труд и социјална политика, министрите го повикуваат Советот на Европа, во рамки на регионалниот проект ИПА, да обезбеди независна проценка, по повод петгодишнината од спроведувањето на обврските од Познањ за следниот министерски состанок.
Министрите се обврзаа да инвестираат во поддршка на инклузијата на Ромите, целосно имплементирајќи ги билатерални проекти на ИПА чијашто цел се Ромите и потврдија дека на следниот министерски состанок во Србија ќе разговараат за спроведување на обврските и целокупното исполнување на целите наведени во процесот на Декларацијата од Познањ.
Министерката Тренчевска се осврнала на сите достигнувања на Владата во однос на прашањето за интеграција на Ромите во сите општествени жени. Посочи на активните мерки за вработување во последните неколку години, Гаранцијата за млади, како и на регионалниот проект за имплементација на стратегиите за миграција и реинтеграција на повратниците особено на локално ниво во земјите од Западен Балкан финансиран од Европската Унија.
-Во рамките на Министерството за труд и социјална политика, функционира и Одделението за имплементација на Стратегијата и Декадата на Ромите кое дава административна и техничка поддршка за работите и задачите што се однесуваат на имплементација, информирање и прибирање на податоци за спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 . Како министерство сме задолжени за креирање на јавните политики поврзани со намалувањето на невработеноста како Опреативниот План за вработување и спроведувањето на НАП за вработување на Ромите, изјави Тренчевска.
Заменик министерката за здравство и социјална заштита во Албанија, Денада Сефери се осврна на еднаквите можности за сите граѓани во едно општество.
– Наш приоритет се малцинствата Роми и Египќани да имаат корист од еднаквите права и пристап до услуги кои директно влијаат на нивното зајакнување, вклучување и учеството. Се обврзуваме дека сите наши политики и програми ќе ги земат предвид ромската и египетската заедница заедно со партнерите и самата ромска/египетска заедница, истакна Сефери.
Министерот за човекови права и бегалци во Босна и Херцеговина, Севлид Хуртиќ посочи дека во последните 14 години од буџетот на Босна и Херцеговина и другите нивоа на власт, вклучително донаторски средства биле издвоени над 26 милиони евра за подобрување на состојбата на Ромите.
– Министерството за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина, со кое раководам, е многу активно работи на ова прашање. Така, неодамна објавивме јавен повик за доделување грант средства за 2023 година и за: домување за Роми во вредност од околу 420.000 евра, вработување на Роми во износ од 100.000 евра, здравствена заштита за Роми во износ од 150.000 евра, Образование на Ромите во износ од 20.000 евра и националните малцинства во износ од околу 50.000 евра, рече Хуртиќ.
Според третата вицепремиерка за малцински прашања и човечки права на Косово, Емилија Реџепи, важно е да се обезбедуваат услови за сите граѓани во државите, да имаат исти можности.
Министерот за човекови и малцински права во Црна Гора, Фатмир Ѓека нагласи дека со помош на европски партнери и невладини организации подобрен е животот на ромското население.
-Нашата безрезервна посветеност на европскиот пат, водена од заедничките вредности, е најдобра потврда за нашата искрена намера континуирано да ја подобруваме положбата на човековите права на сите наши граѓани, без разлика на нивните особености. Убеден сум дека со заеднички напори можеме да ја подобриме положбата на припадниците на ромското и египетското население, да им го олесниме пристапот до здравствениот и образовниот систем, пазарот на трудот во согласност со целите на Познанската декларација, рече Ѓека.
Министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог на Србија, Томислав Жигманов посочи дека Владата на Србија води одговорна политика во сите сектори на општеството.
– Република Србија ги препознава тешкотиите и проблемите со кои се соочуваат граѓаните на ромската популација. Таа е свесна и за одговорноста и клучната улога на државата во креирањето и управувањето со јавните политики во областа на социјалната вклученост на Ромките и Ромките. Се разбира, овие политики не постојат без партнерство со оние кои се директно засегнати – институциите и организациите на самата ромска заедница, рече Жигманов.
Комесарот за проширување и соседски односи од Европската комисија. Оливер Вархеји во видео обраќање порача дека државите треба на младите Роми да да им обезбедат целосен пристап до образование, здравство, домување, вработување и учество во зелената агенда. Тој посочи дека постојат голем број на успешни проекти кои ги вклучуваат Ромите и придонесуваат кон унапредување на нивниот животен стандард, меѓутоа ја искажа и својата убеденост дека земјите во регионот можат уште повеќе.
Ана Лирман, државен министер за Европа и клима во Германија исто така во видео обраќање ја истакна силната поддршка на Германија во процесот на интеграција на Ромите и ја искажа својата визија за инклузивна Европа која подеднакво ќе ги вклучува Ромите како и сите маргинализирани групи во сите општествени процеси.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир, соработката е клучна за постигнување на значаен напредок.
– Ова значи тесна соработка со институциите на ЕУ, релевантните меѓународни организации, граѓанските организации предводени од Ромите и што е најважно, самите ромски заедници. Нивните гласови мора да се слушнат, а нивните перспективи мора да ги водат нашите заложби. Како заклучок – стоиме на клучен момент во нашето патување кон вклучување на Ромите во Западен Балкан. Предизвиците се застрашувачки, но и одлучноста да се надминат, рече Гир.