Младите на ChatGPT пишуваат од едукативни до самоубиствени пораки:„Ризично е ако платформата се користи за потиснување на болката“

Станува ли ChatGPT бегство од реалноста наместо извор на информации кај младите? „Проблемот не е во платформата, туку во недостаток на дигитална едукација“

од Бисера Трајковска
27 прегледи Фото: ChatGPT

Во време кога имаме континуиран и забрзан раст на најновите технолошки трендови во светот, се забележува дека младите генерации најголем дел од своето време го посветуваат на платформата ChatGPT. Но, освен за едукативни и забавни цели, најновите податоци укажуваат дека повеќе од еден милион корисници на оваа платформа покажуваат знаци на самоубиствена намера. 

Психологот Тиана Ивановска за „Локално“ вели дека причините за самоубиствени мисли кај младите никогаш не се едноставни. 

Кај младите, како што посочува, овие мисли најчесто произлегуваат од комбинација на внатрешна болка и надворешен притисок. 

Психологот потенцира дека современите генерации растат во време на константна споредба, перфекционизам и социјални мрежи кои создаваат нереални стандарди за среќа и успех. 

-Во тој амбиент, менталната болка често останува невидлива, бидејќи младите се плашат да бидат осудени, или мислат дека „немаат право“ да се чувствуваат лошо. Кога нема простор за автентичен израз и емоционална поддршка — мислите на безнадежност лесно се претвораат во мисли на самоубиство, вели Ивановска.

Во однос на неодамнешниот извештај на OpenAI, кој покажува дека повеќе од еден милион корисници на платформата ChatGPT покажуваат знаци на самоубиствена намера секоја недела, исто така се проценува дека пораките со „експлицитни индикатори за потенцијално самоубиствено планирање или намера“ сочинуваат значителен дел од вкупните интеракции на корисниците.

Според психологот Ивановска, ChatGPT може да биде извор на поддршка, информации и учење, но може да стане и бегство од реалноста или замена за човечки контакт. 

Таа вели дека проблемот не е во самата платформа, туку во начинот на употреба и недостатокот на дигитална едукација.

Tiana Ivanovska

Фото: Фејсбук, Тиана Ивановска

-Секоја технологија е алатка – сè зависи од тоа како ја користиме. Проблемот не е во самата платформа, туку во начинот на употреба и недостатокот на дигитална едукација. Ако младите се научат да ја користат за да бараат информации, да учат, да се инспирираат — тогаш може да биде корисна, вели Ивановска.

Но, додава, ако ја користат за да ја потиснат болката или како единствен извор на разбирање, тогаш станува ризик.

На прашањето треба ли платформата да претрпи одредени измени со цел да се модулира на потребите на младите, без притоа да има одредени штетни дејства, таа потенцира дека е потребно е да се развијат безбедносни механизми и модули кои препознаваат кога некој корисник е во криза, и кои автоматски го насочуваат кон реална поддршка — како телефонски линии, психолошки центри или итни служби. 

-Алгоритмите треба да бидат чувствителни на емоционален контекст, не само на текст. Но исто така, платформите мора да го задржат човечкиот аспект – технологијата може да информира, но не може да ја замени топлината и присуството на човек, додава Ивановска.

Во однос на тоа како да се превенираат самоубиствени мисли кај децата во годините кога се најранливи, од 15 до 20 години, психологот е на ставот дека превенцијата не започнува кога проблемот веќе постои — таа започнува со градење култура на емоционална писменост. 

Како што појаснува, потребно е да ги научиме младите дека е во ред да не бидат добро, дека секое чувство има свое место и значење. 

-Потребно е училиштата да станат простори за поддршка, не само за оценување. Да се вклучат психолози, советувалишта, програми за ментално здравје кои не се само „формалност“, туку реален, достапен ресурс. А најважно — да им дадеме пример: да зборуваме отворено за сопствените тешки моменти и така да им покажеме дека ранливоста не е слабост, туку сила, појаснува психологот.

Во однос на тоа како да се поттикнат отворени разговори со младите за спречување на самоубиствата и колку е важна психолошка поддршка во тинејџерските години, Ивановска потенцира дека мора да престанеме да се плашиме од темата „самоубиство“. 

-Тишината ја храни стигмата, а стигмата убива. Да разговараме со младите без морализирање, без предавања — туку со љубопитност, разбирање и емпатија. Да ги прашаме „Како си?“ и да го издржиме одговорот, без веднаш да го поправаме, додава  Ивановска.

Таа потенцира дека психолошката поддршка во тинејџерските години е како светло во темна соба – не го менува просторот, но овозможува младите да не се чувствуваат изгубени.

Професорка на Институтот за социологија Татјана Стојаноска Иванова за „Локално“ вели дека алатките од типот на ChatGPT се користат од страна на младите затоа што тоа е најлесен начин да се дојде до одредено решение.

Сепак, потенцира, на овој начин младите само добиваат информација, без притоа да добијат можност да изградат свој став.

Tatjana Stojanoska Ivanova

Фото: Фејсбук, Татјана Стојаноска Иванова

-Младиот човек за да може да продолжи да се развива понатаму во животот, мора да знае да изгради свои ставови за одредени животни прашања. Важно е да чита, да разменува информации и самиот да може да наоѓа решенија, вели Стојаноска Иванова.

Како што посочува, ChatGPT на младиот човек му дава готово решение и на тој начин тој не се обидува да размисли да најде негово лично решение, што би придонело до негов личен прогрес, инвентивност или иновативност.

-Како веќе зборуваме за менталното здравје, има истражување кое покажува дека голем број на младите користат антидепресиви, а ова се случува особено после ковидот, кога се развива индивидуализацијата во поголема смисла. Се намалува емпатијата, пријателството и разочареноста од целиот општествен контекст. Токму тоа, придонесува да се јават суицидални мисли кај младите, посочи Стојаноска Иванова.

Во однос на ChatGPT, професорката вели дека оваа платформа сепак е формирана од човекот и никогаш нема да може да ја надмине човековата инвентивност. 

-Можеби платформата треба да претпри одредени измени. Најважно е истата да се користи само во неопходни ситуации, но не секогаш и секаде. Важно е умерено дозирање во однос на користење на вакви современи алатки, додава Стојаноска Иванова.

Таа е на ставот дека кај нас за жал, се уште е присутен стереотипот околу барање психолошка помош од стручни лица и испраќа апел за создавање повеќе едукативни емисии во медиумите, кои ќе продуцираат кај младите вистински вредности.

Б.Т.

Слични содржини