Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) смета дека Ел Салвадор не треба да користи биткоин како законско средство за плаќање поради ризиците поврзани со таа криптовалута.
Со оглед на високата нестабилност на цената на биткоинот, неговата употреба како законско средство за плаќање повлекува значителни ризици во однос на заштитата на потрошувачите, како и финансискиот интегритет и финансиската стабилност, се вели во конечниот извештај на тимот на ММФ за неодамнешната редовна мисија во Ел Слвадор, пренесе Ројтерс.
„Употребата на биткоин води и до потенцијални фискални обврски. Поради овие ризици, биткоинот не треба да се користи како законско средство за плаќање“, рече ММФ, повикувајќи ја владата да го ограничи законот за биткоин и да ја зајакне регулативата и надзорот врз новиот екосистем за плаќање.
ММФ редовно спроведува мисии според член IV од Статутот во земјите-членки за да се консултира со владините претставници пред нивното барање за користење на средства на Фондот.
Ел Салвадор стана првата земја во септември што го усвои биткоинот како законско средство за плаќање, покрај американскиот долар.
Изјавата на ММФ дојде само два дена откако претседателот Наџиб Букеле објави дека Ел Салвадор планира да го изгради „првиот биткоин град во светот“, при што проектот првично ќе се финансира со издавање на обврзница за биткоин.
Букеле рече дека градот ќе се снабдува со енергија од блискиот вулкан и нема да има други даноци освен данокот на додадена вредност.
Салвадорскиот претседател се залагаше за усвојување на биткоин како законско средство за плаќање, тврдејќи дека тоа ќе им олесни на милиони граѓани на Салвадор кои живеат во странство да испраќаат дознаки дома и дека ќе поттикне финансиска вклученост, инвестиции, туризам и развој на земјата.
„Иако очигледно не се согласуваме за некои работи, како што е усвојувањето на биткоинот, интересна е анализата на Фондот за нашата земја“, рече Букеле по повод извештајот на ММФ.
ММФ, исто така, процени дека економијата на Ел Салвадор ќе порасне за околу 10 отсто во 2021 година и за 3,2 отсто во 2022 година, додавајќи дека очекува јавниот долг на оваа централноамериканска земја да достигне 85 отсто од нејзиниот бруто домашен производ до крајот на оваа година.