ММФ започнува преговори за ревизија на кредитната програма за Украина

од Aneta Risteska
48 прегледи

Украинските официјални претставници денеска започнаа преговори со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), по што властите во Киев би можеле да добијат нови средства во износ од 917 милиони долари.
Станува збор за седмата редовна ревизија на украинската програма за проширен фонд (EFF), вредна 15,6 милијарди долари, се наведува во соопштението на ММФ, кое го пренесува Ројтерс.

Според експертите, реформските цели, како што се усвојувањето на амандмани на Кривичниот законик на Украина и законот за воспоставување административен суд, би можеле да претставуваат предизвик за властите во Киев.

„Соработката со Фондот е клучен фактор за нашата финансиска стабилност“, напиша украинскиот премиер Денис Шмихал на Телеграм.

Според него, украинската влада очекува оваа година да добие вкупно 2,7 милијарди долари од вашингтонската организација.

Шмихал истакна дека, и покрај војната со Русија, Украина продолжува со економските реформи и потсети дека ММФ од февруари 2022 година обезбедил вкупно 12,4 милијарди долари за Украина.

Украина во голема мера зависи од странската финансиска помош за да ги покрие своите социјални и хуманитарни потреби, бидејќи најголемиот дел од државните приходи се насочени кон финансирање на армијата.

Податоците од украинското Министерство за финансии покажуваат дека земјата од почетокот на војната примила повеќе од 118 милијарди долари странска финансиска помош од своите сојузници.

Слични содржини