Мнозинство македонски граѓани покажуваат позитивни чувства кон жените (82,6%) лицата со посебни потреби (80,6%), возрасните луѓе над 70 години (80,3%). Високи се вредностите (над 70%) и за младите под 30г., христијаните, мажите, лицата со нарушена ментална состојба и муслиманите.
Ова го покажаа резултатите од последното истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), „Ставовите и искуството со предрасуди, социјална дистанца и еднаквост во Северна Македонија“.
Од друга страна, 53,5% од граѓаните отворено ги искажуваат своите негативни чувства (предрасуди) кон лезбијките, геј и бисексуалните лица, а нешто помал е процентот (46,3%) на оние кои изразуваат негативни чувства кон трансродовите лица или имигрантите (21,6%). Што се однесува на личното искуство со предрасуди, одговорите на оние кои рекле дека голем дел од времето се соочуваат со нив е под 10%. Меѓу оние кои понекогаш се соочиле со предрасуди најбројни се оние кај кои основата била полот (13,3%), потоа политичката припадност (11,1%) и етничката припадност (10,3%).
Анализата за социјална дистанца покажува прилично конзистентен тренд па така, на испитаниците им е попријатна идејата да имаат за раководител, сосед или да се дружат со некој кој е од различна етничка припадност или вера, отколку нивни близок роднина да стапи во брак со некој/а од различна етничка или верска припадност. Мнозинство на испитаници (67,5%) сметаат дека е подобро да се склопи брак со жена/маж од иста вера.
Истражувањето покажа дека најголем приоритет за испитаниците се вредностите поврзани со еднаквоста и социјалната правда во општеството. Високи 74,0% ги избрале понудените основни вредности за еднаквост како многу блиски до нивните ставови. По нив следуваат вредностите за државната безбедност (70,6%), сигурноста на државниот поредок, како и законитоста на постапките и процесите (66%). За отвореноста кон различностите се изјасниле 68,6%. Мнозинство од испитаниците (56,4%) во потполност се согласуваат со изјавата дека треба да има еднаквост за сите во општеството. Една третина од граѓаните отстапува од ова стојалиште.
Околу две третини од испитаниците рекле дека се обидуваат да дејствуваат без предрасуди затоа што тоа им е лично важно. Сепак, не треба да се занемари и бројката на оние кои рекле дека се обидуваат да дејствуваат без предрасуди за да не бидат осудени од околината. Фактот дека еден поединец може да има многу позитивни и ставови без предрасуди за една малцинска група, но негативни ставови или предрасуди кон друга, значи дека во суштина предрасудите се засноваат на научени верувања, ставови и чувства кои може да подлежат на промени. Битно е политиките кои се спроведуваат во македонското мултикултурно општество за јакнење на кохезијата и меѓу групните односи да целат кон едукација, но и кон заштита на граѓаните од поголеми ескалации, како што е отворената дискриминација и неповолниот третман.
Истражувањето е спроведено од 24 јуни до 5 јули 2022 година со телефонска анкета која беше одговорност на агенцијата М-Проспект. Примерокот е репрезентативен на национално ниво и вклучува 1.000 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Комисијата за антидискриминација за извршува својата превентивна и заштитна улога“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од МЦМС.