Монт Еверест преполн со замрзнато ѓубре

од Milan1
36 прегледи

Највисокиот камп на највисоката планина во светот, Монт Еверест, е преполн со ѓубре за кое ќе бидат потребни години да се исчисти, вели шерпа Анг Бабу, кој оваа година го предводеше тимот што го расчистува ѓубрето и ги отстрануваше труповите во близина на врвот, пренесува Бета.

Само за време на оваа сезона на искачување на Еверест, која траеше од март до мај, тим составен од војници и локални шерпаси и финансиран од владата на Непал отстрани дури 11 тони ѓубре, четири тела и еден скелет.

Анг Бабу вели дека може да има дури 40-50 тони ѓубре на последната станица за одмор за планинарите пред да стигнат до врвот на Монт Еверест, кој се наоѓа во таканаречената „зона на смртта“ на надморска височина од 7.906 метри.

Таму ѓубрето е претежно од стари шатори, некои пакувања со храна, боци со кислород и јажиња кои се користат за качување и врзување шатори“, рече тој, додавајќи дека ѓубрето таму е замрзнато.

Откако врвот на Монт Еверест првпат бил освоен во 1953 година, околу 12.000 планинари се искачиле на него, а многумина оставиле ѓубре.

Во последниве години, непалската влада бараше од планинарите да го вратат своето ѓубре или ќе се соочат со високи казни, што, заедно со зголемената еколошка свест на планинарите, значително го намали количеството ѓубре што останува на Еверест. Сепак, тоа не беше случај во претходните децении.

„Поголемиот дел од ѓубрето останува од постарите експедиции“, вели Анг Бабу. Според него, причината поради која планинарите оставиле толку ѓубре е затоа што „на таа голема надморска височина животот е многу тежок и има многу малку кислород. Така, планинарите и нивните помошници шерпасите се повеќе фокусирани на спасување“.

Шерпасите од тимот собираа ѓубре и тела од повисоките височини, додека војниците работеа со недели на пониски височини и во областа на базниот камп за време на сезоната на искачување, кога временските услови се поповолни.

Анг Бабу рече дека времето е голем предизвик за нивната работа во областа на последниот камп, наречен Јужен премин, каде што нивото на кислород е околу една третина од нормалното, ветровите можат брзо да се претворат во виулици и многу ниски температури.

Ископувањето на ѓубрето е исто така голема задача, бидејќи тој е замрзнат во мраз и кршењето на тие блокови не е лесно.

Беа потребни два дена за ексхумирање на едно тело во близина на Јужниот премин што беше замрзнато во стоечка положба длабоко во мразот.

Телата се пренесени во Универзитетската болница Трибуван во Катманду за идентификација.

Слични содржини