„Мораме да се правиме студенти за да си ја спасиме работата“: Исповед на членка на партијата од Вучиќ

од Milan1
119 прегледи

„Студенти кои сакаат да учат“ од четвртокот навечер кампуваат во Пионерскиот парк во Белград, пред зградата на Српското претседателство. Контрасобирот уште првиот ден беше означен како провладина „контратежа“ на протестите на студентите, а во следните денови во импровизираниот „студентски“ камп беа идентификувани и функционери и членови на СНС, партијата на претседателот Александар Вучиќ, пишува „Нова.рс“.

Лажните студенти, најчесто партиски активисти вработени во јавни институции, меѓу кои и платени статисти, како и професори од Косово чии факултети не се блокирани. Меѓу нив имало и вработена во државна институција која ѝ пришла на новинарката од „Нова“ со желба да раскаже како завршила таму.

Во Пионерскиот парк со денови живеат „студенти 2.0“, оние кои сакаат факултетите да продолжат со работа. Така, на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од истите овие луѓе, од кои некои веќе не се студенти, а некои никогаш и не биле.

Ова во изјава за „Нова“ го потврди жена-членка на владејачката Српска напредна странка на Вучиќ, која била доведена во кампот пред Претседателството. Плашејќи се за својата безбедност и за егзистенцијата, таа побарала да остане анонимна. Жената е од околината на Белград и е вработена во државна институција на определено време, пишува „Нова.рс“.

Таа вели дека ѝ рекле дека доаѓаат таму на еден ден.

„Неодамна ја добив оваа работа и сум членка на СНС. Пред неколку дена ни рекоа дека одиме во Белград и дека ќе поминеме еден ден во Паркот на пионерите за поддршка на претседателот. Но, кога стигнавме, ни рекоа дека ќе мора да останеме подолго“, вели соговорничката.

Тие биле оставени во паркот, а организаторите набрзо им донеле храна и грицки. Тогаш им било кажано дека ова ќе биде доволно за почеток.

Требаше да останеме само еден ден

„Некои членови на групата не ни знаеја каде одат, па ги донесоа неподготвени и без соодветна облека. А претходните денови беа врнежливи и студени. Но, бидејќи повеќето од нас кои беа донесени во Пионирскиот парк бевме вработени со договори на дело, бевме принудени да останеме за да си ја задржиме работата“, вели жената.

Тоа, вели таа, не била лесна задача. Особено во текот на претходната ноќ кога на силниот дожд прокиснале голем број шатори, а инциденти имало и во самиот камп, наведува таа.

Според нејзиното сведоштво, на луѓето кои биле донесени во паркот, меѓу кои многумина се во слична ситуација како нејзе, не им било кажано колку долго ќе треба да бидат во паркот или што ги чека понатаму. Во меѓувреме, како што се приближува големиот студентски протест во Белград оваа сабота, бројот на луѓе се зголемува и во провладиниот камп, пишува „Нова“.

Слични содржини