Москва им нуди престој на граѓаните на странски земји кои сакаат да побегнат од неолибералните идеали и да се преселат во Русија, се вели во декретот што денеска го потпиша претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Странските државјани ќе имаат право да аплицираат за привремен престој во Русија и нема да бидат обврзани да поднесуваат документи со кои ќе докажуваат дека зборуваат руски јазик и ја познаваат историјата и основните закони, се вели во уредбата, пренесува ТАСС.
Апликациите ќе се засноваат на фактот дека граѓаните кои сакаат престој ги отфрлиле политиките на земјите од кои доаѓаат и кои „ имаат за цел да наметнат на народот деструктивни неолиберални идеали, кои се спротивни на традиционалните руски духовни и морални вредности.
Во декретот се очекува руската влада да состави список на земји кои наметнуваат „нездрави ставови на своите граѓани“.
Наложено е Министерството за надворешни работи да започне со издавање на тримесечни визи за таквите апликанти веќе во септември.
Во февруари, Путин ја поддржа идејата на италијанската студентка Ирене Чекини дека Русија треба да ги олесни правилата за влез за оние кои споделуваат традиционални културни и семејни вредности.
Претседателот на државата се согласи дека секој таков случај бара индивидуален пристап.