Москва одговори на американските санкции: Рампа за повеќе од 200 Американци

На листата, меѓу другите, се и специјалниот советник на Стејт департментот, Дерек Шолет, поранешниот американски амбасадор во Русија, Џон Џозеф Саливан, и портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

од Бети Божиноска
235 прегледи

Москва им забрани влез во Руската Федерација на 227 Американци кои се поврзани со ширењето на русофобната политика на САД или се директно поврзани со антируските санкции, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, пренесува РТ.

Имено, САД воведоа санкции против руските државјани за „поддршка на Кремљ и на војната во Украина“, па затоа Москва возвраќа со забрана за влез на 227 американски државјани, чии имиња и функции се наведени на официјалната веб-страница на Министерството.

На листата, меѓу другите, се и специјалниот советник на Стејт департментот, Дерек Шолет, поранешниот американски амбасадор во Русија, Џон Џозеф Саливан, и портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

„Станува збор за конкретни поединци во извршната власт, бизнис-заедницата, медиумската сфера и академските кругови, кои редовно се истакнуваат со непријателски напади или со ширење измислици и отворени клевети за надворешната и за внатрешната политика на Русија“, се објаснува во соопштението.

Меѓу санкционираните се и првите заменички-помошник-секретар на американското Министерство за енергетика, Џули Серкеира и Кетрин Хаф, помошник-секретарот за трговија Грант Харис, заменик-помошникот секретар во Министерството за финансии, Алексија Латорта, помошник-секретарот за финансии Пол Розен и други. На списокот е додаден заменик-помошникот државен обвинител Брус Шварц.

Русија на листата стави и неколку американски новинари. Забрана за влез во Русија добија колумнистите на „Вашингтон пост“ Џозеф Маркс, Џозеф Ман, Елен Накашима и Тим Старкс, специјалниот дописник на „Гласот на Америка“ Џеф Селдин, кој е означен како странски агент во Русија, и новинарот на „Њујорк тајмс“ Роберт Ворт.

Во соопштението се наведува дека овие „одмазднички мерки“ на Москва се дополнување на претходната одлука на Русија да се дефинираат како непожелни во Русија одредени американски невладини организации од хуманитарен карактер што Американската амбасада ги регрутира како „агенти на влијание“.

Сегашното проширување на руската „црна листа“ има за цел да го увери Вашингтон дека ниеден агресивен обид нема да остане неказнет и дека решително ќе биде отфрлен, соопшти руското Министерство.

Москва досега санкционираше вкупно 2.078 американски државјани.

Слични содржини