На Кавказ уапсени четворица членови на терористичка ќелија поврзани со нападот во Москва

Уапсените терористи планирале да извршат и нов терористички напад во дагестанскиот град Каспијск, соопшти ФСБ.

од Бети Божиноска
363 прегледи

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека разбила терористичка ќелија во јужна Русија чии членови им обезбедувале оружје и пари на напаѓачите на „Крокус сити хол“ во Москва во кој беа убиени 144 лица.

ФСБ соопшти дека вчера  уапсила четворица осомничени членови на ќелијата во руската провинција Дагестан во Северен Кавказ. Приведените во Дагестан биле вклучени во испраќање пари и обезбедување оружје за извршителите на најсмртоносниот напад во Русија во последните две децении.

„Уапсените милитанти директно учествувале во финансирањето на сторителите на терористичкиот напад на „Кроку сити хол“ во Москва на 22 март и ги снабдувале со различни средства за тероризам“, објави ФСБ.

Како што се додава во соопштението, еден од приведените признал дека лично им донел оружје на напаѓачите во Москва.

Уапсените терористи планирале да извршат и нов терористички напад во дагестанскиот град Каспијск, соопшти ФСБ. Станува збор за четворица странски државјани кои планирале да предизвикаат експлозија на место каде во тој момент би се наоѓале голем број луѓе.

„Криминалците вршеле извидување на терен, направиле импровизирана експлозивна направа и купиле автоматско оружје“, открива ФСБ, додавајќи дека по терористичкиот напад терористите планирале да побегнат од Русија.

Апсењето на четворица во Дагестан следува по апсењето на четворица директни напаѓачи и седум други лица обвинети за вмешаност во нападот во Москва за кој одговорноста ја презеде огранок на Исламска држава.

Московскиот суд му изрече денеска двомесечен притвор на еден соучесник на напаѓачите, Јакубјони Јусуфзода, државјанин на Таџикистан, кој наводно обезбедил пари за сместување на напаѓачите. Тој беше приведен четири дена по нападот и задржан поради одбивање да ги почитува полициските наредби, но сега е обвинет за тероризам.

Слични содржини