На климатскиот самит на ОН во Глазгов, светските лидери ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите во светот до 2030 година.
Ова е првиот голем договор постигнат на самитот за климата КОП26, а меѓу потписниците ќе биде и Бразил, земја каде делови од прашумите беа опустошени за време на децениското уништување на шумите. Овој договор и ветувањата на светските лидери вклучуваат издвојување на речиси 14 милијарди фунти (19,2 милијарди долари) јавни и приватни средства.
Експертите го поздравија овој позитивен потег, но и предупредија дека претходниот договор од 2014 година „воопшто не успеал да го забави уништувањето на шумите“ и дека е неопходно да се исполнат преземените обврски.
Сечата на дрвјата придонесува за климатските промени бидејќи ги осиромашува шумските површини кои апсорбираат огромни количини јаглерод диоксид, кој доколку не се апсорбира, се ослободува и подоцна се загрева во атмосферата.
Британскиот премиер Борис Џонсон, домаќин на овој глобален самит во Глазгов, го нарече договорот „важен за заштита и обновување на шумите на Земјата“.
„Овие големи екосистеми се катедралите на природата, белите дробови на нашата планета“, рече Џонсон.
Двонеделниот самит во Глазгов се смета за клучна можност за ставање под контрола на климатските промени.
Илјадници активисти протестираат во Глазгов
Додека во Глазгов се одржува самит за климата, илјадници активисти се собираат на протести во тој шкотски град. Бродот на Гринпис „Rainbow Warrior“ со активисти од повеќе земји пловел по реката Клајд во Глазгов и планира да се закотви во близина на местото каде што се одржува самитот.
На бродот се младите активисти Џакапита Фејт Канданга од Намибија, Едвин Намаканга од Уганда, Марија Рејес од Мексико и Фарзана Фарук Џуму од Бангладеш, кои во заедничката изјава рекоа дека светските лидери кои учествуваат на самитот можат многу да научат од нивната соработка.
„Ние бевме доволно долго игнорирани и сега кога добивме одобрение да влеземе во Глазгов, нашиот глас мора да се слушне на КОП26“, се вели во соопштението.
Меѓу активистите кои протестираат во Глазгов има група која дошла пеш од Шпанија, активисти на Оксфам кои свират на гајди и тапани маскирани како светски лидери, како и членови на „Бунтот против истребувањето“, кои ги пречекале делегациите на железничката станица во Глазгов.
Полицијата вчера спречила група активисти да протестираат пред музејот Келвингров каде што вечерале светските лидери.