На прославениот американски филмски режисер Стивен Спилберг му беше врачена наградата за животно дело на 73. Берлински филмски фестивал.
Добивајќи ја почесната златна мечка за животно дело, Спилберг изјави дека и денес на 76-годишна возраст сè уште е возбуден од плановите за снимање нови филмови, пренесува Ројтерс.
Овој светски познат режисер, познат по најомилените блокбастери во историјата на кинематографијата како „Ајкула“ и „Е.Т.“, неодамна заврши два филма, еден по друг – полуавтобиографските „Фабелманови“ и „West Side Story“, римејк на класичен холивудски класик, романтичен – драмски мјузикл од 1961 година во режија на тандемот Роберт Вајз и Џером Робинс заснован на оригиналниот мјузикл на Бродвеј од 1957 година.
Зборувајќи за реализацијата на „Фабелманови“, Спилберг рече дека неговата мајка секогаш го поттикнувала да сними филм за неговото детство.
„Мајка ми велеше: „Ти дадов толку многу добар материјал, кога ќе го искористиш?“, рече Спилберг.
Познат по своите популарни, достапни и привлечни филмови, Спилберг ги советуваше филмаџиите кои се стремат да започнат секогаш со приказната.
„Ако сакате да бидете филмски режисер, најпрво пишете. Приказната ќе ја натера публиката да обрне внимание на вас, а не на снимката“, изјави американскиот режисер.
Спилберг сподели со публиката дека ја завршува работата на сценариото насловено „Наполеон“, кое неговиот пријател, познатиот американски режисер Стенли Кјубрик го остави недовршено по неговата смрт во 1999 година.