Во регионалниот суд во Минхен денеска почна судски процес против 12 осомничени членови на нигериската мафија, обвинети за измама, при што симулирале дека се во романтична врска со своите жртви, ја добиле нивната доверба и на крајот изнудувале пари од нив, јави ДПА.
Мажите, на возраст меѓу 33 и 54 години, се обвинети за создавање криминална организација, беше кажано во судскиот процес.
Обвинетите се членови на групата наречена „Црна секира“. Меѓу нив е и маж за кој се верува дека е шеф на германскиот огранок на мафијашката банда за која се знае дека се занимава со перење пари и трговија со жени со цел сексуална експлоатација во Европа.
Судењето во Минхен се однесува на десетици случаи на измами, при што само за една жена се тврди дека платила околу 235.000 евра на криминалците.
Речиси сите обвинети молчеа на почетокот на судењето, а според нивниот адвокат, еден ги отфрлил обвиненијата.