Повеќе од 870.000 Украинци се вратиле дома од почетокот на војната, вклучувајќи жени и деца, соопшти денеска украинската гранична служба.
„Во моментов секој ден во својата земја се враќаат од 25.000 до 30.000 Украинци. За разлика од претходните денови, кога претежно беа мажи, сега има и жени, деца и постари лица“, изјави портпаролот на украинската гранична служба, Андриј Демченко.
Повикувајќи се на податоци од граничната служба, украинското Министерство за внатрешни работи на 3 април објави дека 537.000 Украинци се вратиле дома.
„Велат дека ситуацијата е побезбедна, особено во западните региони и дека повеќе не можат да останат во странство, подготвени се да се вратат во земјата и да останат“, додаде Демченко.
Според Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), повеќе од 4,6 милиони украински бегалци ја напуштиле земјата од 24 февруари, кога започна руската инвазија на Украина.
УНХЦР проценува дека има 7,1 милиони раселени лица, додавајќи дека речиси 12 милиони луѓе ги напуштиле своите домови. Тие или ја напуштиле земјата или нашле засолниште на друго место во Украина.