Граѓанската платформа „Ало инспекторе“ најави нов генерален бојкот на сите производи и услуги ширум Хрватска за овој петок, 7-ми февруари, и еднонеделна блокада на еден малопродажен синџир од сабота.
За тоа кој малопродажен трговски синџир потрошувачите ќе го блокираат на седум дена ќе се одлучи врз основа на анкетата објавена од платформата на нејзината веб-страница, која ќе трае до денеска на полноќ.
„Ќе ја затвориме анкетата на полноќ и ќе објавиме во текот на ноќта кој синџир ќе биде предмет на еднонеделен бојкот“, изјави Јосип Клемен, претседател и портпарол на платформата за потрошувачи „Ало инспекторе“. „Сите синџири ќе дојдат на ред, но некој мора да биде прв“, го цитира новинската агенција „Хина“.
Изјавил и дека потрошувачите во Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, исто така, повторно се приклучуваат на бојкотот, а во тоа се приклучиле и на Косово.
Вечерва завршува еднонеделниот бојкот на три трговски синџири во Хрватска – „Lidl“, „Eurospin“ и „DM“ и три вода производи, кока-кола и други газирани пијалаци, флаширана вода и детергент за миење садови.
Хрватската влада на минатонеделната седница донесе Одлука за директни мерки за контрола на цените на одредени производи и категории производи во трговијата на мало, со која се утврдува список од 70 производи со ограничени цени. На овој начин сака да помогне во заштитата на граѓаните од високите цени во продавниците. Одлуката стапува на сила во петок, 7-ми февруари.
Во меѓувреме, Министерството за економија во средата испрати на јавна консултација предлог Законот за вонредни мерки за контрола на цените на производите, со кој се пропишува начинот на кој трговците ќе известуваат за ограничените цени, како и за строгите казни доколку се прекршат одредбите од законот. Консултациите траат осум дена.