Најмалку 65 лица загинаа, а стотици се повредени во земјотресот што предизвика лизгање на земјиштето и потресе згради во југозападна Кина, јавија денеска државните медиуми.
Најмалку 16 лица се уште се водат како исчезнати еден ден по земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди планинската област во округот Лудинг во провинцијата Сечуан, на работ на Тибетската висорамнина, каде што се спојуваат тектонските плочи и земјотресите се вообичаени.
Земјотресот го погоди главниот град на провинцијата, Ченгду, каде 21 милион жители се веќе во изолација поради Ковид 19.
Во историскиот град Мокси во автономната тибетска префектура Гарзе загинаа 37 лица, електричната енергија беше исклучена, а зградите беа оштетени. Поставени се шатори за повеќе од 50.000 луѓе кои ги напуштија небезбедните домови по земјотресот, објави официјалната новинска агенција Ксинхуа.
Државната телевизија CCTV прикажа спасувачки тимови како неповредена ја извлекуваат жената од урнатините на нејзиниот дом во Мокси, каде што многу од зградите се направени од дрво и тула. Околу 150 луѓе пријавиле повреди од различен степен.
Во соседниот округ Шимијан и во градот Јаан загинаа 28 лица, додека 248 лица беа повредени, најмногу во Мокси, а уште 12 се водат како исчезнати.
Властите соопштија дека камења и земја паѓале од планинските падини, оштетувајќи ги домовите и пресекувајќи далноводи, според CCTV. Еден одрон блокира локален пат, соопшти Министерството за вонредни состојби.
Провинцијата Сечуан веќе е погодена од топлотен бран и суша, што доведе до ограничувања во снабдувањето со вода и електрична енергија.
Најсилниот земјотрес во последните години, со јачина од 7,9 степени, ја погоди Кина во 2008 година, кога во провинцијата Сечуан загинаа речиси 90.000 луѓе.