На половина пат помеѓу Ена и Катанија на Сицилија се наоѓа Катенануова, мало гратче кое ја заработи титулата најжешко место во Европа. Со помалку од пет илјади жители, секое лето ова мало гратче е во вестите поради екстремните температури кои дополнително ги влошуваат секојдневните предизвици на неговите жители.
На 20 август 1999 година во Катенануова беа измерени 48,5 степени Целзиусови, со што малото гратче на Сицилија стана европски рекордер за највисока измерена температура, јавува РТС.
Сепак, Светската метеоролошка организација, бидејќи нема метеоролошка станица во Катенуева, ја признава како официјален европски рекорд температурата од 48,8 степени Целзиусови измерена на 11 август 2021 година во Флорида, Сиракуза, исто така на Сицилија.
Дваесет и шест години подоцна, топлината во Катенануова не стивнува. Во последните недели, термометарот често покажува температури над 40 степени, додека вчера беше измерена 45. Минатата недела, во недела во 16 часот, беше 40,6 степени, додека навечер, и без сонце, температурата остана на 38 степени.
Живот со топлината: адаптација и издржливост
Жителите на Катенануова развиле стратегии како што се избегнување на излегување во најжешкиот дел од денот, живеење ноќе и поминување време во сенката на боровата шума Сан Просперо или во локалните кафулиња, каде што гранитата со бриош станува летен ритуал.
„Топлината над 40 степени не е ништо ново“, вели градоначалникот Антонио Импеличери. „Знаеме како да се справиме – остануваме дома преку ден, излегуваме само навечер“.
Сепак, топлината си има цена. Сметките за струја, поради постојаната употреба на клима уреди, надминуваат 900 евра, и покрај помошта од државата во форма на плаќање на рати. Уште поголем проблем е недостатокот на вода. Снабдувањето се врши секој втор ден, од брана оддалечена над 60 километри, преку мрежа која често протекува, а жителите често се снабдуваат со вода купувајќи што и да најдат во продавниците.
„Имаме една од најскапите тарифи за вода во Италија“, нагласува градоначалникот.
Емиграцијата и климатската криза
Поради недостатокот на работа и сè потешките услови за живот, многу млади луѓе ја напуштаат Катенануова, што придонесува за депопулација на целиот регион Ена.
Климатските промени и недостатокот на основни услуги дополнително ја влошуваат ситуацијата.
Сицилија под африканскиот антициклон
Топлотниот бран што ја погодува источна Сицилија не е изолиран. Температури од 43 до 45 степени се регистрирани и во Партинико, Аџира, Франкофонте и Мецузо. Регионалната цивилна заштита издаде црвена тревога за неколку провинции, вклучувајќи ги Катанија, Ена и Месина, поради зголемениот ризик од пожари.
Додека југот гори, северот на Италија се бори со бури и град. Во овој пејзаж на климатски екстреми, градоначалникот Импеличери апелира: „Ја браниме нашата територија, но не можеме да го сториме тоа сами. Ни треба поддршка од институциите за да не станеме заборавена пустина.“