Две лица на мотоцикл фрлиле рачни бомби врз зградата на забавен центар во населбата Кагитане во Истанбул. Седум лица беа повредени, од кои тројца се здобија со тешки телесни повреди. Нападот се случил околу 1:40 часот по локално време.
Според турските медиуми, непознати напаѓачи се приближиле до зградата на улицата Парк со мотоцикл без регистарски ознаки, и фрлиле експлозивни направи на вториот кат од петкатната зграда, каде што има простор за забава. Сè се случило во населбата Хуријет, додека внатре имало неколку луѓе.
Експлозијата предизвикала паника, а повредените биле брзо префрлени во блиските болници. Силни полициски сили, вклучувајќи специјални сили, екипи за деминирање, истражители и пожарникари, веднаш пристигнаа на местото на нападот. Улицата беше блокирана, а безбедносните мерки беа дополнително засилени.
Напаѓачи во бегство
Полицијата спроведува интензивна истрага, користејќи снимки од безбедносните камери и траги од местото на злосторството. Во потрагата по напаѓачите беа вклучени и полициски кучиња.
Мотивите за нападот засега се непознати, а турските власти сè уште официјално не објавија за што точно станува збор, но со оглед на методот и таргетирањето на локацијата, се сомневаме на организиран криминал или терористички акт.