Научниците открија: Не старееме постепено туку нагло

од Milan1
278 прегледи

Ако сте постари од 40 години и едно утро ви се учини дека наеднаш брзо остаревте – можеби тоа не го умислувате. Научниците открија дека луѓето најмногу стареат во два наврати: првиот во просек доаѓа на 44-годишна возраст, а вториот на возраст од 60 години.

Ние не се менуваме само постепено. Има периоди кога доаѓа до драстични промени. Се испостави дека тоа се случува во средината на 40-тите години, а потоа во раните 60-ти – вели генетичарот Мајкл Снајдер од Универзитетот Стенфорд во САД, пренесува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Снајдер и неговите колеги ја истражувале биологијата на стареењето за подобро да разберат кои точно промени се случуваат и на кој начин. Тие следеле група од 108 возрасни, кои донирале биолошки примероци на секои неколку месеци, во текот на неколку години. Секој учесник доставил по 47 примероци во текот на 626 дена.

Тие забележале дека за некои состојби, како што се Алцхајмерова болест и кардиоваскуларни болести, ризикот не се зголемува постепено со текот на времето, туку нагло ескалира по одредена возраст. Затоа, тие одлучиле подетално да ги проучат биомаркерите на стареењето за да видат дали можат да ги идентификуваат поврзаните процеси.

Притоа, тие анализирале различни типови на молекули, вклучувајќи РНК, протеини, липиди и таксони на микробиомот на цревата, кожата, носот и усната празнина. По анализата, научниците забележале дека во човечкото тело во текот на две животни фази доаѓа до значителна промена во количината на различни видови молекули.

Во текот на едната или двете фази се промениле приближно 81 отсто од проучуваните молекули. Промените го достигнале својот врв во средината на 40-тите, а потоа повторно во раните 60-ти години.

Во текот на врвот во 40-тите, биле забележани промени во молекулите поврзани со метаболизмот на липидите, кофеинот и алкохолот, како и кардиоваскуларни болести и дисфункција на кожата и мускулите. Врвот во раните 60-ти бил поврзан со метаболизмот на јаглехидратите и кофеинот, кардиоваскуларни болести, кожата и мускулите, имунолошката регулација и функцијата на бубрезите.

Кај жените, првиот пик во средината на 40-тите години обично се случува кога влегуваат во менопауза или перименопауза, со тоа што научниците веруваат дека процесот на менопауза не е главниот предизвикувачки фактор, имајќи предвид дека и мажите поминале низ значителни молекуларни промени во истиот период.

Истражувањето со наслов „Нелинеарна динамика на мулти-омските профили во текот на човечкото стареење“ (Nonlinear dynamics of multi-omics profiles during human aging), беше објавено во списанието „Природно стареење“ (Nature Aging).

Слични содржини