Со години, во Тихиот Океан, помеѓу Хаваи и Калифорнија, се акумулираат огромни количини отпад. Овој феномен има и свое име, Големиот пацифички тепих од ѓубре (Great Pacific garbage patch), а зафаќа површина речиси 50 пати поголема од Македонија и се состои од осумдесет милиони килограми ѓубре.
Токму на ова место, кое служи како илустративно предупредување за штетата што и ја правиме на планетата, научниците пронајдоа габи со необични „навики во исхраната“: на нивното мени има полиетилен на база на јаглерод, вид на пластика од која шишиња со вода и се прават кеси и се смета дека е најупорната форма на пластичен отпад во светските океани.
Габата, наречена Parengyodontium album, е откриена меѓу другите микроби кои живеат на или барем во близина на лебдечкиот куп ѓубре во Пацификот.
Сепак, морските габи кои разградуваат пластика не се ништо ново – во моментов се познати неколку видови. Благодарение на авторите на новото истражување, знаеме дека нивните „колеги“ живеат и на Големиот пацифички тепих од ѓубре.
Постои суштински предуслов за габите да консумираат пластика: ултравиолетовите зраци.
„Во лабораторија, Parengyodontium album само го разградува полиетиленот што бил изложен на ултравиолетови зраци дури и краток временски период“, откри главниот автор Аника Ваксма од Кралскиот холандски институт за морски истражувања.
„Ова значи дека во океанот, габите можат да ја разградат само пластиката што првично лебди во близина на површината“.
Ваксма и нејзиниот тим, исто така, ја утврдија стапката на разградување на пластиката: според нивните пресметки, разградувањето на полиетиленот со Parengyodontium album се случува со стапка од 0,05% дневно.
И што се случува со пластиката што ја внесуваат овие морски габи?
Полиетиленот се претвора во јаглерод диоксид кој Parengyodontium album повторно го испушта.
Не грижете се, ова нема да биде камен на сопнување во борбата против климатските промени: според истражувачите, количината на јаглерод диоксид ослободен од габите е исто толку мала колку и количината што ја ослободуваат луѓето при дишењето.
Според Ваксма, се верува дека во подлабоките слоеви на океанот има повеќе слични габи кои можат да разградат сложени јаглеродни материјали, но прашањата за динамиката на деградација на пластиката под површината на морето остануваат неодговорени.
Иако имаме сојузници во борбата против загадувањето со пластика во форма на габи, мораме да земеме предвид дека овој проблем сами го создадовме и дека ни треба многу повеќе од микроби за да го решиме: секоја година светот произведува повеќе од 400 милиони тони пластика и се очекува до 2060 година да се зголеми тројно.
Земјата, вклучувајќи ги и нејзините океани, веќе се гуши во ѓубре, а некои експерти веруваат дека по камената, бронзената и железната ера, живееме во пластична ера.