Вил Смит го освои првиот Оскар во кариерата за улогата на таткото на познатите тенисерки Серена и Венус Вилијамс во филмот „Кралот Ричард“, но неговиот успех остана во сенка на скандалот што го предизвика со шлаканицата, упатена кон комичарот Крис Рок на сцената.
Имено, Смит се навредил од шегата што Рок ја кажал за неговата сопруга Џејда Пинкет Смит. Меѓу другото, Рок изјави дека со нетрпение чека да ја види во продолжението на филмот „Џи Ај Џејн“, алудирајќи на нејзиниот изглед.
Имено, Пинкет Смит претходно отворено проговори за борбата со алопеција која ја остави без коса, а комичарот ја спореди со хероината од филмот „Џи Ај Џејн“, која Деми Мур ја игра со избричена глава.
На неговите зборови, Вил Смит излезе на сцената и го удри комичарот, на зачуденост на присутните.
„Не ја ставај мојата жена во уста“, нервозно му рече актерот во два наврати откако се врати на своето место.
Имаше пауза за реклами, при што колегите Дензел Вашингтон и Тајлер Пери го тргнаа настрана и му помогнаа да се смири.
Откако ситуацијата се смири и интерпретацијата на Смит на Ричард Вилијамс беше прогласена за најдобра машка улога, актерот во солзи излезе на сцената да ја прими наградата.
„Ричард Вилијамс беше голем заштитник на своето семејство. Во овој период од мојот живот, во овој момент, ме обзема она што е Божјиот повик да бидам на овој свет. Јас сум повикан да ги сакам и штитам луѓето“, рече Смит.
„Знам, за да го правиме она што го правиме, треба да бидеме подготвени да прифатиме малтретирање, да бидеме подготвени луѓе да зборуваат луди работи за тебе. Во овој бизнис, треба да ги трпиш луѓето кои не те почитуваат и да се смееш и да се преправаш дека се е во ред“.
Потоа се осврна на советите што ги доби од Вашингтон.
„Дензел ми рече: „Кога си на врвот, пази, тогаш ѓаволот доаѓа по тебе“. Сакам да бидам носител на љубовта“, рече Смит.
Потоа им се заблагодари на членовите на семејството Вилијамс, како и на екипата на неговиот филм и се извини за своите претходни постапки.
„Одвоив премногу од вашето време. Ви благодарам за оваа чест и за овој момент“, рече тој на крајот и додаде: „Се надевам дека Академијата повторно ќе ме покани“.