Ние,  како Совет за етика, сме против  поганење на новинарство, против натрапниците во професијата, против злоупотребата на професијата, од кој и да е!12743617_918376488282315_3736382277412853602_n

Новинарството има правила, стандарди, клучна е слободата  во пристапот , прашања и одговори, слободно изразени ставови, ама кои се темелат врз точни и вистинити факти.

Ова повелба која ја подготвивме е потсетување токму на тоа! На стандардите секаде во светот!

Сите знаеме дека ни се потребни медиумски реформи, дека ова не чини, само проблемот е какви?

Политичарите се забораваат и пакуваат закони само кои се во нивна корист и функција. Новинарите пакуваат приказни кои им се потребни само или главно  на политичарите.

А, сите заборавија дека и политичарите и новинарите мора да работат  за граѓанскиот интерес.

Јавноста има право и мора да знае,  мора да биде информирана.

Она што го читавме, слушавме и гледавме, и вчера и завчера, е погрешно. Тоа не е интервју, тоа не се вести и тоа не е новинарство. Ние го осудуваме тоа, и  мора да размислуваме и за утре. Не е страшно кога грешиш, но страшно е кога продолжуваш да грешиш и кога не го признаваш тоа, и покрај сите укажувања.12669538_988683111179126_294134729862463519_n

Ние ја нудиме оваа повелба колку за споредба, колку за потсетување на принципите на професијата,  ги покануваме сите да ѝ се вратат или да зачекорат врз професионалните принципи.

Пред сè вистинитост наспроти лажење,

пред сè избалансираност наспроти навивачка едностраност,

пред сè информирање наспроти пропаганда!

Токму затоа работевме со сите во овој процес веќе неколку месеци,  пошто знаевме што ќе се случува во предизборието во кое одмна сме влезени и без прогласување на почетокот на кампања,  затоа што знаеме како нè рангира и меѓународната и домашната јавност.

„Лажат новинарите“ – мора да тоа го смениме во доверба,  вистинитост , навременост и точност. Мора да ѝ го  вратиме достоинството на професијата.

Мора да почнеме од почеток, иако тоа го правиме во последните 25 години,  па со секоја власт нов почеток, но секој почеток е подобар од секој крај.

Со оваа повелба за која не е доволен само потпис, па денеска и утре сè по старо, ние сакаме да  ја видиме вашата спремност да се вратиме на професионалните новинарски стандарди.

Сакаме да им покажеме и на политичарите дека стандардите и принципите на етиката во професијата се токму овие стандарди. Мораме да ја разбудиме и нивната волја колку да не се срамиме и ние од професијата и тие од денешницата во која владеат.

………………….

Воведно излагање на  новинарот Драган Антоновски од потпишувањето на Повелбата за етичко известување за изборите  на Советот за етика во медиумите во Македонија .

Слични содржини