Македонија засега е незначителен производител на бакар, но дали така и ќе остане?

од Nikola Popovski

Трендот на раст на цената на бакарот на светските берзи отвори низа дилеми во однос на тоа како тоа ќе се одрази на нашата земја. Очекувањето високите цени за обновлива енергија да ја зголемат побарувачката на бакар, ќе претставува сериозен предизвик за сите држави во насока на отворање нови рудници. Сегашната цена на бакарот на светската берза е рекордни 10.000 УСА долари/тон бакар со тенденција за зголемување, што според експертската јавност во голема мера ќе зависи од светските движења, војните, производството и побарувачката. Поранешниот претседател на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов во изјава за „Локално“ не ја исклучува можноста цените за бакарот во следните две години да растат дури до + 75% од сегашната цена.

-Евидентно е дека цената на бакарот на светската берза бележи постојан раст како резултат на зголемената побарувачка. Од друга страна, голeмите производители, пред се Русија, ги имаат намалено производство и понудата на пазарот од познатите санкции кон Русија. Една од причините за зголемената побарувачка на бакар, покрај стандардната, е развојот на автомобилската индустрија и премин кон производство на електрични автомобили, каде бакарот има значителна улога, објаснува Николов.

Македонија засега е незначителен производител на бакар. Во засега единствениот рудник за бакар Бучим и Боров Дол се произведуваат околу 8000 тони бакар годишно и 500-1000 тони злато, кои потоа се извезуваат во соседна Бугарија во форма на бакарен концентрат со содржина на бакар од 21% и злато од 10-20 гр/тон концентрат. Покрај тоа, рудникот Бучим, засега е и единствен производител на катоден бакар со чистота од 99,995% но количината е мала и изнесува до 1000 т/годишно. Дали и каква корист може да извлече Македонија од актуелната ситуација со цената на бакарот?

-Според важечките закони во Македонија, покрај данокот на добивка, рудниците плаќаат концесиски надомест од 2% од реализацијата на металите (бакар и злато) и бидејќи цените на бакарот и златото се добри, овие суми се значителни и важни за македонската економија. Македонија е сосема мал производител на бакар и покрај утврдените големи резерви на бакарна руда, пред се Иловица Штука, но овој потенцијален рудник кој е актуелен скоро 20 години и има огромни рудни резерви (над 500 млт) се уште не е отворен, а главен проблем е отпорот на еколошките друштва и променливите одлуки и мислења на државните органи, објаснува Николов.

Николајчо Николов

-Рудниците за бакар во земјата, Европа па и светот се сметаат за загадувачи на животната средина, заради што се потребни најсовремени технологии кои се исклучително скапи што преставува една од причините зошто не се отвораат нови рудници. Рудникот Боров Дол кој работи во состав на Бучим, во делот на преработката (флотацијата), е прв отворен рудник за металични суровини во нашата земја во последните 40 години а во локалитетот на Бучим, вели Николов, рудните резерви се пред крај.

Рудниците засега спаѓаат под надлежност на Министерството за економија, сектор за минерални суровини. Размислувањето и предлогот на идниот претседател на Владата да се отвори ново министерство за енергетика, металургија и рударство според него, е оправдано и заслужува посебно внимание бидејќи ќе го помогне развојот на овој сектор, а со самото тоа ќе оствари бенефит за државата.

-Нашата држава мора поконкретно и појасно да ги решава спорните прашања околу рудниците (Иловица Штука, Казан Дол и др) за што би допринело и отварањето на евентуално ново министерство. Сметам дека државата треба да оформи релевантни стручни групи од рударството и земјоделството кои со аргументи и бројки ќе покажат што е исправно, а на тој начин и ќе помогнат за правилен став на политичките чинители во државата и правците за развојот на земјата во овие дејности, потенцира Николов.

За разлика од кај нас, во соседна Србија се прават големи инвестициони вложувања од страна на кинески компании а инвестиции во рудници за бакар и преработка на бакарниот концентрат има и во соседна Бугарија.

Европската Комисија го вклучи бакарот на листата на критични суровини и одлучи да го стимулира неговото производство во Европа. Побарувачката по овоаа метална суровина деновиве урива рекорди а цените го достигнаа двегодишното највисоко. Според очекувањата, поради притисокот за остварувањето на целите од зелената агенда, уште повисока цена ќе се регистрира веќе во втората половина на 2024 година поради зголемената побарувачка поттикната од транзицијата кон зелена енергија и веројатниот пад на американскиот долар.

К.В.С.

Слични содржини