19
Евентуалното примирје со либанското исламистичко движење „Хезболах“ треба на прво место да ја гарантира безбедноста на Израел, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред американски дипломати, испратени да разговараат за прашањето за прекин на огнот.
„Главниот влог е способноста и решеноста на Израел да го спроведе договорот и да ја неутрализира секоја закана за безбедноста, што доаѓа од Либан“ за да се овозможи враќање на Израелците принудени да ги напуштат своите домови во северниот дел на земјата, нагласи Нетанјаху, цитиран од неговиот кабинет.
Тој ја даде оваа изјава пред американските претставници Ејмс Хохштајн и Брет Мекгурк.