Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху попладнево одобри план за воена операција во Рафа, а израелската армија се подготвува да ги евакуира цивилите на последното безбедно место за раселените Палестинци, соопштија од неговиот кабинет, пренесува „Тајмс оф Израел“.
За потсетување, кабинетот на израелскиот премиер го отфрли новиот предлог за примирје во Појасот Газа што го претставија претставниците на Хамас пред посредниците, оценувајќи дека тој „се уште се заснова на нереални барања“.
Во соопштението, исто така, се наведува дека Израел ќе испрати делегација во Катар за да ги продолжи разговорите за договорот за прекин на огнот „откако безбедносниот кабинет ќе ја разгледа позицијата на Израел“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Во Рафа, последната безбедна населба за Палестинците во Појасот Газа, има околу еден и пол милион луѓе кои страдаат од недостиг на храна, вода, лекови и простор, и кои секојдневно се изложени на ризик да го изгубат животот.