Нетфликс ги зголемува цените: Претплатите поскапуваат поради инвестиции во содржина

Зголемувањето на цените доаѓа во време кога Нетфликс значително инвестира во содржина, вклучувајќи нови формати како настани во живо и видео-поткасти. Последен пат компанијата ги зголеми цените во јануари 2025 година

од Кристијан Димков
21 прегледи Фото: Netflix Life

Стриминг-гигантот Нетфликс ја прилагоди својата ценовна структура во четвртокот, при што сите претплатнички опции поскапеа за најмалку еден долар.

Планот со реклами сега изнесува 8,99 американски долари месечно (претходно 7,99 долари), стандардниот план 19,99 долари (претходно 17,99 долари), додека премиум-пакетот сега чини 26,99 долари, во однос на претходните 24,99 долари. Цените за дополнителни корисници исто така се зголемени – дополнителен корисник со план со реклами сега чини 6,99 долари (претходно 5,99 долари), додека додатокот без реклами изнесува 9,99 долари, во однос на 8,99 долари.

Зголемувањето на цените доаѓа во време кога Нетфликс значително инвестира во содржина, вклучувајќи нови формати како настани во живо и видео-поткасти. Последен пат компанијата ги зголеми цените во јануари 2025 година.

Од компанијата веќе подолго време ги оправдуваат поскапувањата со обемот на содржина на платформата и потребата за понатамошни инвестиции. Во јануарскиот извештај за заработка беше наведено дека се очекува вложување од 20 милијарди долари во содржина во текот на 2026 година, во споредба со 18 милијарди во 2025.

Нетфликс тогаш процени дека вкупните приходи во 2026 година ќе изнесуваат меѓу 50,7 и 51,7 милијарди долари, со раст на бројот на корисници и цените, како и очекувано речиси двојно зголемување на приходите од рекламирање во однос на претходната година.

Компанијата во тој период разгледуваше и преземање на студиото „Warner Bros“. и неговата стриминг-платформа „HBO Max“, но се откажа откако не сакаше да ја следи повисоката понуда на компанијата „Paramount“.

Повеќето големи стриминг-сервиси во последниве години ги зголемуваат цените во обид да постигнат одржлива профитабилност во претплатничкиот модел на работење.